Министерскиот состанок на ОБСЕ ќе биде во Борис Трајковски со некој доградби. Тешко ке најдеме 70 ВИП возила

За претседавањето со ОБСЕ во буџетот се предвидени пет милиони евра, а шефот на дипломатијата вели дека ќе се обидат трошоците да бидат минимални. Меѓутоа, нагласува дека ова е инвестиција во која државата свесно влегла и е престиж и големо признание да нè изберат нас за претседавачи и тоа да го правиме во најтешката година за организацијата

За претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ оваа година, планиран е буџет од околу пет милиони евра. Министерството за надворешни работи (МНР) првично барало осум милиони, но Министерството за финансии им скратило три. Сега, во рамки на овие пет милиони, вели шефот на дипломатијата Бујар Османи, ќе треба да се адаптираат трошоците.

А, најголем, дециден е Османи, е трошокот за организацијата на министерскиот состанок кон крајот на годината, кога во земјава треба да пристигнат министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ, меѓу кои се и на САД и Русија. Една од тешкотиите е како да се најдат 70-ина ВИП-возила за министрите што ги исполнуваат стандардите.

„Најголемата ставка ќе биде министерскиот состанок, со што трошоците тука ќе зависат од тоа како ќе се среди просторот и во однос на возилата. На пример, засега е многу тешко да најдеме 70 возила што ги исполнуваат стандардите. Бараме начини како да најдеме спонзори по однос на возилата за да немаме трошоци. Некои трошоци ќе зависат од тоа дали ќе најдеме спонзори или не, меѓутоа ќе бидеме транспарентни во текот на целата година во однос на трошоците“,

вели Османи кој претходно спомена и опција да се позајмат возила од земјите од регионот.
Министерот за овие околности зборуваше одговарајќи на прашања на брифинг со новинарите на кој ги претстави приоритетите што ќе бидат во фокусот на едногодишното претседавање на земјава со ОБСЕ.

Во однос на просторот каде ќе се одржи министерскиот состанок, шефот на дипломатијата рече дека земјава нема таков, па првично било планирано да се изгради времен објект. Меѓутоа, потоа во комбинација влегла и салата „Борис Трајковски“, за што претставници на ОБСЕ од Виена веќе биле тука да направат проценка и е донесена одлука тоа да биде локацијата, но да се направат некои доградби.

„Пред некој ден дојдоа од ОБСЕ од Виена за да проверат точно дали ’Борис Трајковски‘ ги исполнува стандардите. Очигледно ќе треба одредени доградувања за да се создадат нови простории, меѓутоа конечна одлука е дека ќе биде во ’Борис Трајковски‘. Сето тоа ќе треба да се организира, брендира според стандардите на ОБСЕ. Тоа е најизискувачка операција која оваа држава ја имала и има едно меѓуресорско работно време кое од минатата година работи и во кое се претставници од МВР, аеродромите на ТАВ затоа што во еден час треба да слетаат 70 министри за надворешни работи“, вели министерот.

Покрај организирањето на состанокот, Османи како примери за трошоци ги наведе и платите и престојот на членовите на нашиот тим во мисијата во Виена кој е над 11 луѓе, патувањата, како и организирањето на други настани како што е на пример голема конференција за антисемитизам што ќе се одржи во Скопје на 6 февруари со 200-300 учесници.

На прашања околу тоа зошто МНР за пиар за претседавањето со ОБСЕ ангажирала агенција за 100 000 евра, Османи вели тоа не е пиар и оти е ангажирана бидејќи службите во Министерството немаат таков кадар.

„Агенцијата е ’Рејтинг‘, набавката е шест милиони денари (околу 100 000 евра) и се одлучивме за тоа затоа што нема таков кадар во Министерството во однос на дизајнери, брендирање, стратегиски комуникации со надвор во однос на промовирање со државата. Претседавањето со ОБСЕ ќе биде многу поскапо од тие шест милиони денари, но сметаме дека придобивките ќе бидат многу, многу поголеми отколку трошоците што ќе ги имаме, а верувајте трошоци имаме секојдневно, имаме голема мисија во Виена со над 11 луѓе, можеби секој од нив троши по толку годишно во смисла на станови, плати. Меѓутоа, ова е инвестиција во која свесно сме влегле и ова е престиж и големо признание за државата. 56 земји да ве изберат со консензус и вие да претседавате во најтешката година за организацијата е голема привилегија и можност. Така што, да ќе има одредени трошоци, ќе се обидеме да бидат минимални“, вели Османи.

Back to top button
Close