Министерствата и Владата ја намалиле активната транспарентност во однос на минатата година, на општините е иста како ланската

Активната транспарентност на министерствата и Владата е намалена во однос на минатата година – објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во годишното рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност.

Зградата на Владата на С Македонија / Фото: „360 степени“

Рангирањето, во кое се вклучени 102 институции, меѓу кои Владата, сите министерства и општини, се врши според проактивното објавување информации од јавен карактер, оденоно на сопствена иницијатива на институциите, без некој да има доставено барање за пристап до тие информации.

Според годинашното рангирање, активната транспарентност на министерствата и Владата е намалена во однос на лани и изнесува 84 отсто, од ланските 86 проценти. Од 20 министерства и Владата, како што се нотира во извештајот на ЦГК, кај девет има пораст на исполнетоста на обврските од активната транспарентност, кај седум има намалување, едно има исти резултати како лани, а четири институции се нови и лани не биле рангирани.

Петта година по ред, Министерството за одбрана е најдобро рангирана институција со 100 отсто исполнетост на обврските, а годинава со максимални бодови е и новоформираното Министерство за дигитална трансформација.

„Покрај овие две министерства, уште три други министерства (за социјална политика, за финансии и земјоделство) и Владата се со многу високо ниво на активна транспарентност (повисока од 90 отсто). По ланскиот пад, активната транспарентност на Владата годинава повторно се искачи на 95,7 проценти“,се наведува во извештајот на ЦГК.

Најголем годишен пораст на активната транспарентност од 13,1 процентни поени има Министерство за правда, а најголемо намалување од 17,8 процентни поени Министерството за животна средина и просторно планирање.

Активната транспарентност кај општините е на истото ниво од лани и изнесува 79 проценти. За разлика од минатата година, кога пет општини го делеа првото место со 100 проценти активна транспарентност, годинава на ова место се задржаа само две – Кавадарци и Кичево.

„Меѓу регионите, трета година по ред на првото место се наоѓа Источниот Регион (со иста активна транспарентност како и лани од 88 отсто), а на последно место, со намалена активна транспарентност во однос на лани се наоѓа Полошкиот Регион (со 71 проценти активна транспарентност, лани 73 отсто)“ се наведува во извештајот.

Од ЦГК посочуваат дека и министерствата и општините објавуваат најмногу информации од областа на пристапот до информации од јавен карактер, а најмалку за своите финансии.

Огромно уназадување се нотира кај одговорите по барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што им биле испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање. Општините одговориле во просек за 21 ден (лани за 15 дена)а министерствата за 23 дена (лани за 14 дена). Крајниот законски рок е 20 дена.

Целиот извештај на ЦГК е достапен на следниот линк.

Back to top button
Close