Министерство за финансии: ММФ ги поздрави фискалните политики

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги поздрави фискалните политики во земјава оценувајќи дека тие придонеле кон закрепнување на економијата и зачувување на работните места.

Во извештајот објавен по консултациите во врска со член 4 од Договорот со ММФ, оваа меѓународна финансиска институција нотира дека политиките за поддршка на стопанството го лимитирале падот на економската активност, помогнале во закрепнувањето на економијата и во зачувувањето на работните места.

– Владата и Народната банка спроведоа навремени и силни економски мерки како одговор на пандемиската криза, првично поддржани со Инструментот за брзо финансирање во април 2020 година. Намалувањето на мерките за поддршка како и нивното таргетирање, придонесе кон економското закрепнување и спречувањето на големи загуби на работни места, наведува ММФ.

По забележаниот пад на економската активност во 2020 година, ММФ проектира раст на БДП од 4 проценти во 2021 и во 2022 година, како одраз на подобрената потрошувачка, продолжувањето на започнатите реформи, зголемувањето на јавните и приватните инвестиции и повисоките парични дознаки од дијаспората. ММФ ги препознава очекуваните позитивни ефекти на владиниот план за инвестиции (План за забрзан економски раст) со што ценат дека ќе се влијае на натамошно зголемување на побарувачката и поттикнување на растот. Дополнително, сметаат дека спроведувањето на реформите и потенцијалното подобрување на изгледите за почеток на преговори за членство во ЕУ, би можеле да ги зајакнат капиталните приливи и довербата во економијата.

ММФ укажува на подобрената фискална рамнотежа во 2021 година, благодарение на подобрата реализација на приходите. Инвестициите се очекува значително да се зголемат, поттикнати од иницијативите на јавниот сектор. Постепеното укинување на фискалната поддршка доаѓа како одговор на подобрувањето на економските перспективи, кои треба да го намалат ефектот врз растот.

– Извештајот укажува на потребата за постепена фискална консолидација што ќе помогне да се обноват фискалните резерви (бафери) и да се создаде простор за инвестиции, како и зголемување на фискалниот простор за реакција кон идни шокови. Овие препораки се успешно антиципирани во Планот за фискална одржливост и консолидација на Министерството за финансии. Ако домашната побарувачка се зголеми, консолидацијата треба да биде побрза што ќе помогне во намалување на потенцијалните инфлациски притисоци, информираат од Министерството за финансии.

Меѓународниот монетарен фонд ја нагласува и потребата за кредибилна и сеопфатна среднорочна фискална стратегија, фокусирана на мобилизација на приходите која може да помогне во зацврстување на консолидацијата. Мерките во делот на даночната политика, како што се наведува, би можеле да бидат фокусирани кон зголемување на вертикалната и хоризонталната праведност, при соодветно намалување на даночните олеснувања и ослободувања, како и поголема употреба на даноците на имот и еколошките даноци. Ова треба да оди паралелно со подобрената наплата на приходите. Мерките во делот на расходите може да вклучат реорганизација на земјоделските субвенции и реорганизација на јавната администрација.

На краток рок, предизвик ќе биде да се одржи заздравувањето, пред сѐ, поради сѐ уште високото ниво на неизвесност поради пандемијата и ризиците на меѓународно ниво. Фискалните политики треба да овозможат повисок, одржлив, зелен раст и лимитирање на фискалните ризици.

ММФ смета дека Буџетот за 2022 година соодветно ги намалува трошоците поврзани со пандемијата, притоа оставајќи простор за флексибилност во соочувањето со неизвесностите. Буџетскиот дефицит е таргетиран на 4,3 проценти од БДП, што е во согласност со проекциите на Мисијата на ММФ. Истиот обезбедува повисоки расходи за здравството, вклучувајќи и за вакцини. Со Буџетот, воедно, се обезбедени ненаменски средства во висина од 0,6 проценти за да се овозможи соодветен одговор на потребите поврзани со пандемијата, нотира ММФ.

– Препознавајќи го досегашниот напредок, Фондот смета дека понатамошно подобрување на управувањето со јавните финансии ќе го поддржи владиниот инвестициски план, при што е важно целосно имплементирање на акцискиот план за спроведување на Програмата за управувањето со јавните финансии во Министерството за финансии. Извештајот, го нотира значењето на предложениот Закон за буџети, кој се очекува да се усвои во 2022 година, усогласен со ЕУ рамката, и кој ќе воведе значајни измени во креирањето на фискални политики, фискалното известување, фискалните правила, процесот на подготовката и извршувањето на буџетот, информира Министерството за финансии

Back to top button
Close