Министерство за одбрана реагира на обвинувањата од Синдикатот на војската, ама признава дека „касарните не се на највисоко ниво
Министерството за одбрана е целосно транспарентно со јавноста за комплетната состојба во Армијата и за тоа секогаш информираме со факти на активности на кои се повикани сите медиуми без исклучок. Не станува збор за ПР кампања, туку за информирање на јавноста и граѓаните чии пари се инвестираат во одбраната, велат од министерството откако претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, обвини дека додека се промовираат реновирани објекти во касарната „Јане Сандански“ во Штип, професионалните војници престојуваат во руини и 35 години „не е мрднато со прст“.

„Инфраструктурата во дел од армиските касарни не е на највисоко ниво, и за тоа сме целосно свесни. Еден неоспорен факт е дека постојат армиски објекти во кои не се инвестирало не 35, туку и повеќе од 50 години. Реалноста е дека Министерството за одбрана предводено од министерот Владо Мисајловски вложува досега рекордни средства во реконструкција на објекти кои половина век биле оставени на забот на времето“, стои во реакцијата на министерството за одбрана.
Оттаму велат дека, согласно приоритетите кои произлегуваат од Армијата, во континуитет се работи на подобрување на објектите и на градежни активности и во другите касарни.
„Тие опфаќаат изработка на: проектно техничка документација, изградба, поправки, реновирање и реконструкции, оспособување, адаптации на објекти, како за сместување, работа, така и објекти наменети за чување и одржување на опремата која се набавува. Се работи за активности од аспект на енергетска ефикасност на објектите, комплетна замена на водоводната и електрична мрежа, грејните тела, кровната конструкција, системи за противпожарна заштита и се она што е потребно објектите да бидат функционални и безбедни, се со една цел, да им овозможиме на нашите припадници услови за работа како што би доликувало за една Армија. И за сето тоа што е запоставено со години наназад, се вложуваат максимални напори оваа состојба да се промени на подобро“, стои во реакцијата.
За оваа 2026 и 2027 година, дополнуваат од таму, се предвидени околу 12 милиони евра за градежни зафати низ сите касарни.
„Сето ова се реални, фактички податоци за степенот на инвестиции во инфраструктурата на одбраната и Армијата. Но, иако овој факт добро е познат и на изворот на информацијата (Независниот синдикат на професионални војници СО), се пласираат нецелосни информации со кои се извртува сликата за тоа колку Министерството и министерот се посветени на развојот на инфраструктурата во одбраната и Армијата. За кредибилитет на личноста која го пласира сето ова говори и фактот дека за истото лице до надлежните институции од Министерството за одбрана е поднесени се кривични пријави за сторени повеќе кривични дела“, се вели во реакцијата.
Александар Насковски преку објава на социјаланите мрежи рече дека министерот Владо Мисајловски прави ПР кампања со слики од реновиран објект.
„Погледнете ги објектите кои се изградени од поранешната ЈНА и од тогаш не се реновирани, а во нив престојуваат 90 отсто професионални војници, и не е ставена ни една шајка во овие објекти во овие 35 години. Погледнете ја хигиената и условите за исхрана во најголемата кујна во најголемата касарна во Македонија, каде што лебарките се шетаат по лебот кој се дели на војниците“, рече Насковски.






