Министерството за финансии ја издаде 21-та емисија обврзници за денационализација во износ од шест милиони евра

Преку Министерството за финансии, државата денеска ја емитуваше дваесет и првата емисија обврзници за денационализација во вкупен износ од шест милиони евра.

– Со оваа емисија ќе се обесштетат сите лица со правосилни решенија за денационализација од 1 јануари 2021 година до 31 декември 2021 година, каде што е утврден надомест во обврзници, информираат од Министерството за финансии.

Во соопштението се наведува дека средствата доделени преку обврзниците, државата ќе ги исплаќа на десетгодишни рати со годишна камата од два проценти. Тргувањето со обврзниците за денационализација ќе се врши на Македонска берза АД Скопје, со посредство на брокерските куќи и банките членки на Македонската берза. Пред рокот на нивното достасување, граѓаните може да ги користат обврзниците за денационализација за отплата на становите во општествена сопственост.

Од Министерството додаваат дека Република Северна Македонија може во секое време да изврши откуп на обврзниците за денационализација пред рокот на нивното достасување според условите, начинот и постапката што ги утврдува Владата на Република Северна Македонија

Back to top button
Close