Министерството за финансии е задолжено да бара кредити за британскиот договор
Владата на вчерашната седница формирала координативно тело кое ќе ја следи реализацијата на договорот помеѓу Македонија и Велика Британија, информираше денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Тој рече дека по предлог наМинистерството за транспорт Владата го задолжило Министерството за финансии,на меѓународниот финансиски пазар, да изнајде финансии за спроведување на овој проект. Должината на пругата треба да се некаде над 200км., таа треба да е двоколосечна, во патничкиот сообраќај треба да има брзина од 160км/ч, а во карго сообраќајот треба да има брзина од најмалку 120км/ч и рокот за реализација треба да е некаде 5 години. „Очекуваме во текот на летните месеци да имаме поконкретни детали околу финансирањето на проектот. Ќе работиме во заеднички проект, каде што и проектирањето и изведбата ќе бидат од еден изведувач и најверојатно ќе се оди според FIDIC правилата или според така наречен жолт FIDIC или според така наречен среден FIDIC“, изјави Николоски.
Членови на координативното тело се министерот за транспорт, министерот за надворешни работи, министерката за енергетика, Министерот за дигитална трансформација, министерот за здравство, директорот на Македонски железници-Инфраструктура, генералниот секретар на Владата и Државниот првобранител.
Изненадувачки е што министерката за финансии не е дел од координативното тело, а ќе биде задолжена да бара пари на финансиските пазари.