Министерството за здравство е надлежно за модуларните болници,Општина Тетово тврди дека не е надлежна

Општина Тетово преку соопштение отфрла каква било одговорност за надлежноста врз модуларната болница, во која во пожар загинаа 14 лица. Општината тврди дека надлежностите за модуларните болници ѝ припаѓаат на централната власт.

– Изградбата на модуларната болница е реализирана со посебен закон, кадешто сите надлежности се насочени кон централно ниво, односно кон Министерството за здравство – велат од општината.

Од таму додаваат дека со последните измени во Законот за градење објавени во Службен весник во ноември минатата година, пишува дека барањето за реализација или поставување на модуларни објекти наменети за вршење здравствена дејност се доставува до Министерството за здравство и решението го издава тоа министерство.

Според Општината, општинските инспектори немаат законска надлежност да контролираат специјални објекти и згради од прва категорија и дека системите за безбедност и гаснење пожар и контрола на нивната функционалност се исто така во надлежност на Министерството за здравство.

За модуларната болница во Тетово општината тврди дека е градба од прва категорија и за неа инспекција и надзор врши Државниот инспекторат врз основа на членот 128 став (2) од Законот за градење. Водоводните и канализациските инсталации се во надлежност на договорната компанија, додека Општината само ги поврзува, тврдат од локалната власт.

Back to top button
Close