Министрите за надворешни работи на 20 земји во Мадрид бараат решение за ставање крај на војната во Газа

Шпанија денеска е домаќин на состанок за изнаоѓање решение за ставање крај на војната во Појасот Газа. На состанокот во Мадрид присуствуваат министри за надворешни работи на 20 европски и арапски земји, како и претставници на меѓународни организации.

Пред почетокот на состанокот, шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес изјави дека меѓународната заедница треба да размисли за санкции врз Израел за да се стави крај на војната во Газа.

– Мораме да направиме сè, мора да разгледаме сè за да ја запреме оваа војна, рече Албарес, додавајќи дека санкциите се исто така на дневен ред откако Европската унија неодамна одлучи да го преиспита својот договор за соработка со Израел.

По неодамнешното проширување на израелските воени операции во Газа, неколку земји кои се сметаат за сојузници на Израел се придружија на растечкиот меѓународен притисок за прекин на војната на палестинската територија.

Двомесечната блокада на Појасот Газа го влоши недостигот од храна, вода, гориво и лекови, зголемувајќи ги стравувањата од глад. Агенциите за помош предупредија дека минималните количини што ги пропушти Израел во Газа во последните денови се далеку под она што е потребно.

– На краток рок, за да се запре оваа војна и да се обезбеди масовно влегување на хуманитарната помош во енклавата, а Израел да не биде тој што одлучува кој може, а кој не може да јаде, прашањето за санкции треба да се стави на маса во Мадрид, рече шпанскиот министер за надворешни работи.

Претходниот ваков состанок, одржан во Мадрид минатата година, ги собра земјите како Египет, Јордан, Катар, Саудиска Арабија и Турција, како и европските земји, вклучувајќи ги Ирска и Норвешка, кои ја признаа палестинската држава.

Состанокот, на кој ќе присуствуваат и претставници на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка, има за цел да промовира решение за израелско-палестинскиот конфликт со две држави.

Во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година загинаа 1.218 лица, претежно цивили. Хамас зеде 251 заложник, од кои за 57 се верува дека се уште се во Газа.

Во израелската офанзива во Појасот Газа што следуваше како одмазда за нападот на Хамс, досега загинаа речиси 54.000 луѓе, претежно цивили.

Back to top button
Close