Миноски: Во услови на глобален шок, државата мора да реагира веднаш и таргетирано

Интервју со Кирил Миноски, поранешен министер за финансии и екс директор на УЈП
Трилинг: Дали и какви мерки треба да се преземат за да се амортизира ударот од конфликтот?
Миноски: Во услови на глобален шок на страната на понудата каков што гледаме сега со нарушување на транспортот на нафта и гас државата мора да реагира веднаш и таргетирано, слично на она што го направија сите држави во регионот и во ЕУ.
За почеток, потребно е намалување на ДДВ (веќе е најавено намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%,) , треба да бидеме подготвени евентуално дополнително да се намали ако кризата продолжи и се продлабочи. Треба да се разгледа и можноста за намалување на акцизата (во моментов постои законска можност за интервенција во износ од 4 денари по литар). Вакви даночни интервенции веќе применија Хрватска и Грција.
-Паралелно, треба да се воведе ограничување на трговските маржи за основните производи, како што направија Србија и Хрватска, за да се спречат шпекулативни поскапувања.
-Клучно е мерките да се применуваат градуално, во зависност од интензитетот на кризата, и да имаат јасно дефиниран привремен рок од 3 до 6 месеци.
Трилинг: Дали замрзнувањето на цените е соодветна мерка?
Миноски: Замрзнувањето на цените може да се користи, но само како краткорочен инструмент при екстремен шок. Србија и Унгарија веќе применуваа вакви мерки, додека Хрватска воведе ограничување на максимални цени на горивата. Сепак, искуството покажува дека ова е ризична мерка која може да доведе до недостиг. Затоа, подобар пристап е ограничување на маржи и определување на горна граница на цените, наместо целосно замрзнување. Овие мерки мора да бидат строго временски ограничени и да се повлекуваат веднаш штом ќе се стабилизира пазарот.
Трилинг: Како да се контролира инфлацијата ако ценовниот шок се прелева во сите производи?
Миноски: Сегашниот инфлаторен притисок е резултат на глобален енергетски шок, што значи дека не може да се реши со една мерка. Во ЕУ, централните банки реагираа со монетарни инструменти, додека владите се фокусираа на таргетирана поддршка наместо општи субвенции. Кај нас, клучно е да се спречи автоматско „вградување“ на цените на енергенсите во сите производи преку засилен пазарен надзор и санкционирање на картелско однесување.
-Паралелно, треба да се стимулира домашното производство на храна и енергија, за да се намали увозниот притисок, што е и главната препорака што произлегува од европските политики.
Трилинг: Каква е финансиската отпорност на економијата?
Миноски: Финансиската отпорност е доволна за краткорочна реакција, но ограничена за подолг период. Како што покажува и примерот со ЕУ, дури и најразвиените економии интервенираат преку ослободување на стратешки резерви и привремени мерки, но не и со трајни субвенции. Воедно е неопходно внимателно да се преиспита расходната страна на буџетот и сите непродуктивни трошоци да бидат скратени.Тоа значи дека и кај нас мерките мора да бидат строго таргетирани и привремени. Државата може да го амортизира првиот удар, но за подолга криза клучно е да се инвестира во енергетска диверзификација и домашно производство.






