МИОА со реакција за одлуката на АВМУ за прекршочни пријави за пренесена изјава на Филипче за време на молкот

Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) денеска соопшти дека, како што наведува, надлежно министерство за медиумите, целосно не се согласува со поднесените прекршочни пријави од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) против телевизиите Телма и Алсат-М, заради пренесена изјава на министерот за здравство Венко Филипче, за време на изборниот молк.

-Двете телевизии на никаков начин го немаат прекршено Изборниот законик, со оглед на тоа што министерот Филипче изјавата ја дал во својство на министер и во врска со здравствената криза предизвикана од вирусот Covid-19, наведуваат од МИОА.

Дополнително, како што посочуваат од Министерсвото, Филипче не беше на ниедна од кандидатските листи за Предвремените парламентарни избори 2020 година.

-Во време на светска пандемија и редовно дневно информирање од страна на Министерството за здравство во врска со вирусот, за нас е несфатливо како регулаторот може да ја смета оваа изјава како прекршување на изборниот молк. Ова е само последен од многуте примери за политизација на АВМУ. Но, ова е веќе и тенденција за цензурирање на медиумите, нарушување на правото на граѓаните да добијат информации во однос на кризата, како и директно мешање на АВМУ во изборниот процес. Сега, откако конечно државата ќе добие повторно функционално Собрание, од најголема важност е да продолжат процесите за реформи во АВМУ и МРТВ, кои во претходниот состав беа блокирани од политички мотиви, се посочува во соопштението од МИОА.

Back to top button
Close