МИОА во соработка со УСАИД работи на подобрување на сајбер безбедноста

Технологијата има потенцијал да ја подобри демократијата, да ја зголеми нејзината ефикасност, да ја направи поотворена, поодговорна, потранспарентна и поприсутна за граѓаните, за бизнисите, за сите нас. Но, од друга страна, технологијата може да се манипулира и може да се користи за злонамерни цели, посочи министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири на средбата со претставници од повеќе министерства.

Со цел зајакнување на капацитетите за сајбер безбедност на државата, додаде, Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и УСАИД во соработка со американската компанија Тетра Тек ЕС, АД продолжуваат со активности поврзани со критична инфраструктура и подобрување на сајбер безбедноста во земјата.

Владата е посветена на подобрување на превенцијата, подготвеноста, одговорот и закрепнувањето од заканите за сајбер безбедноста врз критичната инфраструктура и клучните ресурси, како што се енергетските комунални услуги, ИКТ мрежите и финансиските институции. Преку оваа соработка, МИОА ќе ги координира клучните актери во земјава, вклучително и Владата и приватниот сектор, за заштита на критичната национална инфраструктура од сајбер напади.

-Оваа соработка ќе ги зајакне човечките и технолошките капацитети за сајбер безбедност низ критичните инфраструктурни субјекти и клучните ресурси, ќе ги подобри комуникациските протоколи за сајбер безбедност низ секторите и ќе ја зголеми отпорноста и подготвеноста на државата да се справи со закани по сајбер безбедноста, истакна министерот Шаќири.

На денешната средба со претставници од повеќе министерства се разговараше за досегашните активности, а се дискутираше и за наредните активности во текот на 2021 година.

Back to top button
Close