Мирјана Најчевска јавно му се извини на Петар Богојески – „Тој не е глуп, туку опасен човек за демократското општество
Професорката Мирјана Најчевска објави јавно извинување откако на 18 август 2025 година преку адвокат ангажиран од Петар Богојески добила барање за извинување за својот статус на Фејсбук од 5 август, во кој го нарекла „глуп како точак“.
„Со овој пост јавно се извинувам за кажаното. Во мојот пост се употребени несоодветен речник и несоодветна споредба“, напиша Најчевска.
Таа образложува дека речникот е несоодветен затоа што не станува збор за глупост, туку за „свесен говор на омраза и поттикнување на меѓуетнички конфликт“. Како доказ посочи на јавно објавениот став на Богојески во кој постапувањето на Јавното обвинителство против навивачи што скандирале „Добар Шиптар, мртов Шиптар“ и „Гасна комора за Шиптари“ го нарекува „лов на вештерки“, како и на негови повици до младите „да не се плашат да бидат гласни“.
Во извинувањето Најчевска додава дека споредбата е несоодветна затоа што со тоа го навредила велосипедот, „кој многумина го ценат како спортски реквизит и еколошко превозно средство“.
Истовремено, таа го повикува Јавното обвинителство да испита дали постојат основи за поведување постапка против Богојески за говор на омраза и поттикнување на етнички конфликт, „особено затоа што станува збор за континуирана и систематска употреба на таков говор и навреди врз основа на етничка припадност, уверување, политичка или партиска припадност и род“.
„Уште еднаш го повторувам моето извинување што го нареков Петар Богојески глуп. Тој не е глуп, туку опасен човек за демократското општество кое го градиме и за мултикултурната заедница во Македонија базирана на почитување на различностите“, заклучува Најчевска.
Јавни настапи со навреди
Во јавните настапи на социјалните мрежи, Богојески користи речник исполнет со навреди и омаловажувања.
Во коментари на Фејсбук, тој на соговорници им се обраќал со изрази како „забегани сте“, „болни“, „шутрак“, „стока неписмена“, па дури и со прашања од типот „ти даваш ли газ за вечера“.
Тој користел навреди и на национална основа. Во една објава напишал: „Едно прашање до шиптариве, зошто не гласате за градските луѓе, писмени луѓе, изживеани луѓе со докажано минато, еснаф луѓе…имате такви ваши шиптари“.
Во друга прилика, дури изразил и желби за смрт кон дел од граѓаните: „Ајде да ве собере Бог уште малку и ќе куртули Македонија од најскапаната генерација во последните 10 века