Мирјана Најчевска: Да се вклучи и војската за расчистување на Скопје, градот е пред здравствен колапс
Професорката Мирјана Најчевска остро реагираше на хаосот со сметот во Скопје, предупредувајќи дека ситуацијата одамна ја надминала општинската рамка и прераснала во сериозен јавноздравствен проблем на државно ниво.
„Не е проблемот само во Општина Центар, туку на територијата на цел град, и навистина ме интересира каде ќе се носи сето собрано ѓубре. Во околината на Скопје нема ниту една безбедна депонија направена според стандардите, ниту пак друг начин – како инценератори – за справување со ѓубрето кој ќе ги заштити граѓаните“, вели Најчевска.
Таа посочува дека властите ги „лажат и замајуваат“ граѓаните без никаква стратегија, а дека управните и надзорните одбори се претвориле во партиски награди.
„Вашите пулени седат во управните и надзорните одбори, земаат пари без знаење, одговорност, ниту пак претстава зошто се таму“, додава професорката.
Најчевска изработи и план во шест чекори за справување со кризата:
Ангажирање на сите расположливи сили, вклучувајќи ја и армијата, за итно расчистување на сметот од улиците.
Ставање на ЈП „Комунална хигиена“ под директна управа на Владата и обезбедување средства за стабилно функционирање.
Раскинување на сите договори со актуелните управувачи на депониите.
Формирање стручен тим што ќе изработи национален план во три насоки –
• изградба на депонии според највисоки стандарди (60% капацитет),
• изградба на инценератори (30%),
• развој на систем за рециклирање (10%).
Разрешување на сите членови на управните и надзорните одбори.
Поведување кривични постапки против сите одговорни, почнувајќи од претседателот на Советот на град Скопје.
„Градот е во состојба на аларм, а властите се однесуваат како да нема проблем. Време е Владата да ја преземе одговорноста“, порача Најчевска.