Мирјана Симоновска, прва жена од Делчево со искачени 5.137 метри на врвот Арарат

Мирјана Симоновска е првата жена планинар од Делчево со искачени 5.137 метри надморска висина на врвот Арарат во Источна Анадолија.

Симоновска подвигот го реализираше изминатиот викенд, а одличната вест ја сподели по враќањето во Делчево.

– Искачувањето се одвиваше изминатиот викенд кога јас бев дел од експедицијата на Тодорче Ѓеоргиев од Велес. Подвигот се случи на 16 септември, со што успеав да станам првата жена планинар од Делчево со искачени 5.137 метри надморска висина, истакна Симоновска.

Делчевската планинарка вели дека искачувањето било многу напорно, но, како што додаде, кога се сака нешто, тогаш работите се едноставни.

– За да се поместат границите треба да го сакаш да го направиш тоа што си намислил. Се разбира претходно треба да имаш добра кондиција за движење по секакви временски неприлики. Дел од искачувањето го реализиравме во ноќни услови со лапми во рака, на места имаше снег, така што ова е едно одлично искуство во животот, вели Симоновска.

Од останатите врвови на кои досега се искачила без проблеми Симоновска го напомена врвот Триглав кој го искачила во два наврати. Додаде дека ќе продолжи да бара нови предизвици во планинарството со тоа што ќе ги поместува сопствените ограничувања за издржливост.

Back to top button
Close