Мир каков што би направиле реалистите а не идеалистите

Никој не се сомнева во најдобрите намери на нашето МНР кое испрати порака за мир до земјите во Европа и светот. ( Погрешно наречен Non-paper што, во дипломатските преговори, е хартија која не го носи името или печатот  на владата и се однесува за работи отворени за дискусија). Во пораката вината се става врз „ирационалните политики“ на водството  на Русија наспроти народот кој не е виновен за ништо. Што се однесува до „рационалсноста“ тоа е само еден од елементите на политиката и не најважниот. Работата е како, во градењето на надворешната политика, да се земат предвид токму „ирационалното“ поведение на политичарот раководени од националните емоции, бесот, чувството на пониженост, гордоста, па и лудилото ако го има…

И да се разбере дека, за жал, во меѓународната политика народите се казнуваат за политиките на нивните водачи оти поинаку не може да биде. Тоа е свирепата реалност: како што страда украинскиот народ од руската артилерија така ќе страда рускиот народ од економските санкции. Потресните зборови како „стариците ќе го чекаат својот маченички син, жената ќе го чека саканиот сопруг, а децата ќе го чекаат својот татко“, кажуваат за еден идеализам кој не кореспондира со реалностите на меѓународната политика. Ме потсетија на добронамерните предлози кога се формирала Лигата на народите на почетокот на дваесеттиот век: делегатите на државите-членки кои се грижат за светскиот мир, одејќи до конференциската сала,  да минуваат преку просторија во која е се прикажани восочни фигури на ранети и умрени војници или низ  детска градинка во која се играат мали дечиња. Мирот, сепак, не беше сочуван.Само дваесет години подоцна, избувна Втората светска војна, а по неа Студената војна. Идеализмот во науката за меѓународната политика, пак, му остапи место на реализмот.

Дебата која што се водеше во текот на Студената војна во политичката мисла на Америка, која беше дел од моите предавања на Правниот факултет во Скопје,  гласеше: Што ако едно утро се разбуди американскиот претседател со некакви жолти крукчиња во очите и почне да дава команди за нуклеарен напад на Русија. Се поаѓаше од тоа дека политичарите се луѓе од крв и месо, па не е тешко да се претпостави дека и тие можат ментално да заболат. Се што можеше да каже науката беше дека, белким,некој ќе забележи дека претседателот на Америка полудел и ќе го фати за рака. Во тоа време, стравот од нуклеарна војна доаѓаше од можна грешка, како кога јато птици влета во големите радари на Аљаска свртени кон Русија кревајќи го степенот на готовност против нуклеарен ракетен напад. Или онаа карикатура од американски весник каде морнар во нуклеарна подморница „Поларис“погрешно  притиска копчиња кои лансираат ракети мислејќи дека притиска автомат за Кока-кола. Тие години, филмот „Доктор Стрејнџлав: Или како научив да престанам да се грижам и да ја сакам бомбата“ од 1964 година на режисерот Стенли Кјубрик ги полнеше киносалите. Во оваа црна комедија еден пореметен г американски генерал дава наредба да се фрли врз СССР атомска бомба.  Тоа беа времиња кога се мислеше дека нуклеарна војна е можна само како случајност, како грешка, зашто никој намерно не би извршил самоубиство – сопствено, на своето семејство,  на својот народ и на човештвото.

Прашањето кое никогаш не сме си го поставиле е : Но, што ако полтичар кој одлучува за почеток на нуклеарна војна е спремен да изврши такво самоубиство? Путин блефира? Веројатно, освен ако не е луд. А, ако не блефира?  Има и самоубици, нели? Разумно ли е или не НАТО и Америка да го предизвикаат на нуклеарен дуел за да се уверат? Од седиштето на НАТО и од Вашингтон велат дека нема да се инволвираат директно во војната во Украина. Но, целиот Западен свет и алијансата се индиректно длабоко инволвирани во војната на страна на украинскиот народ и неговите страдања.  Ракетите кои рушат руски хеликоптери и авиони се од Запад, оружјето со кое се убиваат руските војници исто така. Економските санкции кои можат да направат од Русија земја од Третиот свет, Кремљ ги изедначи со декларација на војна. Тенка е линијата меѓу војната и мирот во светот денес. Грозничаво треба да се бара мирот преку преговори. Мир каков што би направиле реалистите а не идеалистите.

 

Денко Малески

 

.

Back to top button
Close