Мирот не е неостварлив, но војната е секогаш можна
Овој пат нема, како пред триесетина години, да паднеме во стапицата за „крајот на историјата“, тогаш во полза на идеалистите, денес во полза на реалистите. Тогаш, во стапицата за дефинитивната победа на демократијата и на меѓународното право, денес во стапицата за дефинитивната победа на силата. Потребно е само да разбереме дека дебатата во научната дисциплина наречена меѓународна политика секогаш била под влијание на светските настани: во услови на мир, доминираат таканаречените идеалисти, а во услови на војна, таканаречените реалисти. Таа дебата меѓу реалистите и идеалистите се води повеќе од 120 години, уште од почетокот на дваесеттиот век, во свет згрозен од колежот наречен Прва светска војна.

Тогаш, на универзитетот во Велс е воспоставена првата катедра по меѓународна политика.Меѓународниот систем кој дотогаш почивал врз рамнотежата на сила и кој, одново и одново колабирал во војни, се сметал за главниот виновник за сукобите меѓу народите. Оттаму, спасот од нова светска војна се барал во ситемот на колективна безбедност во кој сите држави во светот, потпирајќи се врз меѓународното право, заеднички би решавале во корист на мирот. За таа цел, воспоставена е една универзална светска организација наречена Лига на народите, а по нејзиното пропаѓање, после Втората светска војна,Обединетите нации. И во двете светски организации акцијата на држава агресор, предвидувала здружена реакција на останатите држави. Така е на хартија, а во пракса ситуацијата е посложена: секоја држава, имено, сака одново да си го пресмета сопствениот интерес, пред да влезе во војна.
Периодот на доминацијата на идеалистите трае до почетокот на Втората светска војна, кога почнува доминацијата на реалистите. Подемот на нацизмот и зададе страотен удар на вребата дека правото може да и се протистави на силата. Пораката од тоа време е дека само со сила може да и се застане на патот на силата. Ова сфаќање, кое,повторно, е производ на реалноста на Втората светска војна, во САД наоѓа свој израз во делата на плејада сјајни мислители, реалисти, како Ханс Моргентау, Реинолд Неибур, Николас Спајкман, Џорџ Кенан, Волтер Липман, Арнолд Волферс и Хенру Кисинџер, во Велика Британија кај Е.Х. Кар, Џорџ Шварценберг и Мартин Рајт, а во Франција во делата на Рејмон Арон. Според реалистите, војната и мирот и рамнотежата на силите се двете вечни карактеристики на меѓународната политика. Поинаку кажано, никакви институционални аранжмани од типот на колективната безбедност нема да ги елиминираат овие факти на животот . Оттаму, нивните очекувања, кога се работи за мирот, се умерени. Мирот не е неостварлив но и војната е секогаш опција за разрешување на конфликтите меѓу државите. Од друга страна, светските организации кои го промовираат системот на колективна безбедност можат да придонесат за стабилноста на светот , но позначајно е да постои рамнотежа на моќта што ја обезбедуваат големите сили кои се задоволни од светскиот поредок.
Дебатата меѓу реалистите и идеалистите ќе продолжи по новата реистрибиција на светската моќ која што е во тек, меѓу неколкуте големи сили. Редистрибуција која, се надеваме, нема да заврши трагично за човештвото. Со повеќе памет стекнат од новото искуство во уште едно ужасно крвопролевање, овој пат во Украина, човештвото, повторно ќе почне да посега по идеалите на мирот. Само двете нозе мораат цврсто да стојат врз опасната реалност.






