Мисајловски денеска учествува на состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во седиштето на НАТО во Брисел ќе учествува на состаноци на Северноатлантскиот совет на ниво министри за одбрана. Во фокус на состаноците ќе бидат колективната одбрана, инвестициите во одбранбените капацитети и подготовките за претстојниот самит на Алијансата.

Според најавите, на состаноците ќе стане збор за зацврстување на одбранбените способности на НАТО преку континуирано вложување во одбраната, развој на вооружените сили и јакнење на одбранбената индустрија.
Мисајловски се очекува да учествува и на состанокот на контакт-групата за Украина, каде што е најавено дека земјите членки на НАТО и партнерите треба да ја потврдат поддршката за Украина и да разговараат за понатамошна координација на помошта во одбранбениот сектор.
Состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО доаѓа во услови на зголемен притисок од Вашингтон кон европските сојузници за зајакнување на своите одбранбени капацитети и обезбедување поголема поддршка за САД по војната со Иран. Средбата се одржува и во време кога европските сојузници разговараат за можна поморска мисија предводена од Франција и Велика Британија за обезбедување на пловидбата низ Ормускиот Теснец по завршувањето на воените дејствија со Иран.






