Мишел Фајфер за нејзиниот живот како баба
Холивудската ѕвезда Мишел Фајфер објави дека станала баба и сподели како тоа влијаело на нејзиниот професионален живот. Во емисијата „Смартлес“ (Smartless) со Џејсон Бејтман, Шон Хејс и Вил Арнет како водители, трипати номинираната за „Оскар“ вели дека внучето е „рајско“ искуство.
– Неверојатно е. И да знаев дека ќе станам баба, немаше да преземам толку многу работа, но уживав во сè и сум многу благодарна. Ги обожавам сите овие проекти, рече Фајфер, осврнувајќи се на нејзините неодамнешни обврски, вклучувајќи ја и серијата „Медисон“ (The Madison) којашто е одгранок-продолжение на „Јелоустоун“, божиќната комедија „О, каква забава“ (Oh. What. Fun) и ТВ-адаптацијата на романот „Марго има проблеми со парите“ (Margo’s Got Money Troubles) на Руфи Торп.
Фајфер, инаку, има посвоена ќерка – Клаудија Роуз, и синот Џон Хенри.
– Многу сум благодарна. Многу сум благодарна затоа што ја сакам глумата… Всушност, веројатно сега уживам повеќе од кога било затоа што сум порелаксирана, додаде глумицата.
Филмската ѕвезда има долга кариера и во филмот и во телевизијата, а можеби најпозната е по улогите во филмовите „Скарфејс“ (1983), „Бетмен се враќа“ (1992) и ТВ-серијата „Првата дама“ (2022).
– Навистина немам време да размислувам за ништо друго освен – задачата што ја имам, изјави таа, напомнувајќи дека пред неколку години основала и своја компанија за парфеми. – Но, кога се појавија сите овие актерски проекти, си помислив: Добро, добро, како ќе можеш „да жонглираш“ со сè тоа и да имаш личен живот? …Бидејќи тоа не ми било секогаш лесно. Јас сум личност од типот „сè или ништо“! Секогаш сакам да прифаќам предизвици, а потоа влегувам во тоа и – „или тонеш или пливаш“, и од некоја причина тоа е она што ме енергизира, нагласи таа.
Фајфер вели дека „нема време, ниту желба да навлезе во тие длабочини“ а да не ужива во мигот.