Мишел и фон дер Лајен од Анкара изразија надеж за нов старт во односите ЕУ-Турција

Претседателите на Европскиот совет и Европската комисија денеска ја посетија Турција каде остварија средба со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, со кого разговарале за бројните предизвици во турско-европските односи, јави дописничката на МИА од Брисел.

На маса биле четири главни теми: економската соработка, бегалците, човечките односи, безбедносната состојба во источниот Медитеран, како и човековите права и меѓународното право.

Двајцата главни европски челници нагласија дека разговорот со Ердоган бил отворен и искрен и дека не се избегнале ниту тешките теми, и повторија дека Турција останува стратешки партнер со ЕУ, но дека подобрувања се неопходни во односите.

-ЕУ е подготвена да стави позитивна агенда на маса, за економската соработка, миграцијата, човечките односи, мобилноста, нашиот ангажман ќе биде прогресивен, реверзибилен и пропорционален и се надевам дека Турција ќе ја искористи оваа прилика, изјави Шарл Мишел на прес конференцијата без присуство на турскиот претседател.

Европските челници истакнаа дека состојбата во источниот Медитеран е од стратешки интерес за ЕУ и дека еднострани мерки кон земји членки на ЕУ, како Грција и Кипар, нема да се толерираат.

-Ја поздравуваме иницијативата за рестартирање на билатералните разговори помеѓу Турција и Грција, рече Мишел, и додаде дека ЕУ целосно го поддржува мировниот процес во Кипар под водство на Обединетите Нации.

ЕУ ја потсети Турција дека е нејзин најголем трговски партнер и дека е потребен дијалог помеѓу двете страни на низа клучни глобални теми како јавното здравје, климата, борбата против тероризмот и другите регионални прашања.

Конечно Мишел и фон дер Лајен се осврнаа и на ситуацијата со сириските бегалци кои Турција масовно ги прими по почетокот на војната. Денеска Турција има околу четири милиони бегалци од Сирија, а паралелно склучи договор со ЕУ за да спречи “нерегуларна миграција кон Европа“.

Фон дер Лајен инсистираше дека договорот помеѓу ЕУ и Турција од 2016 за задржување на бегалците во Турција останува валиден и дава позитивни резултати.

-Очекуваме Турција да остане посветена на својата заложба да спречи нерегуларна миграција и повторно да ги започне операциите за враќање од грчките острови без одлагање, тоа би било доказ на добра волја, рече претседателката на Европската Комисија.

Таа додаде дека ЕУ ќе продолжи да и помага на Анкара во згрижувањето на бегалците преку инвестирање во програми за бегалците, образовни, здравствени и други.

Европските челници на Ердоган денеска му ја пренеле загриженоста поради повлекувањето на Турција од Истанбулската Конвенција за спречување на насилство врз жените и децата.

-Оваа Конвенција ги штити жените и децата и ова е јасно лош сигнал, изјави фон дер Лајен.

Back to top button
Close