Мишел и Фон дер Лајен одат кај Ердоган со условите за постепено обновување на економските односи

– Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска патуваат во Турција каде на претседателот Реџеп Тајип Ердоган ќе му ги претстават условите на ЕУ за постепено обновување на економските односи и ќе разговараат за поддршката за бегалците. Во овој „акциски план“ всушност се содржани одлуките на лидерите на ЕУ од самитот одржан на 26 март.

Разговорите во Анкара ќе бидат „ политички момент“, но нема да бидат преговори, изјавија дипломатски извори во Брисел.

Лидерите на ЕУ, кои треба да разговараат за Турција во јуни, на неодамнешниот самит го одобрија „постепениот и условен пристап кон зајакнување на соработката во голем број области од заеднички интерес“.

ЕУ е подготвена да почне модернизација на царинската унија, да го продолжи дијалогот на високо ниво и да преговара за олеснување на визниот режим за турските граѓани.

Доколку нема напредок, во извештајот на европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел се наведуваат неколку опции, меѓу кои се и санкции за туристичкиот сектор во Турција.

Турција ги критикуваше заклучоците од самитот на ЕУ, истовремено ветувајќи дека ќе одговори со „позитивни чекори“ на евентуалниот гест на Унијата.

Back to top button
Close