„Мисија на морони“ – Англичаните кои со моторна пила го исекоа „дрвото на Робин Худ“се осудени на 4 години затвор
Двајца мажи се осудени на затвор поради сечењето на познатото британско дрво наречено „Sycamore Gap“ – сакана и светски позната природна знаменитост, чие драматично присуство беше прикажано и во холивудски филм. Тие беа осудени на четири години затвор, објави Ројтерс.
Јаворот, за кој се проценува дека е стар речиси 200 години, се издигнувал во средината на живописна долина во близина на историскиот Хадријанов ѕид во северна Англија, што го правело популарна дестинација за фотографи, планинари, па дури и за парови кои таму се свршувале.
Даниел Греам (39) и Адам Карутерс (32) беа прогласени за виновни минатиот месец за патување со цел намерно да сечат дрво со моторна пила во септември 2023 година.
„Мисија на морони“
Тие го снимале целиот чин со мобилниот телефон на Греам, а обвинителството го опишало како „мисија на морони“, со кој подоцна и се пофалиле, пред нивното пријателство да се распадне поради јавната осуда за тоа што го направиле.
Иако двајцата првично негирале вмешаност во сечењето на дрвото – кое беше прикажано во филмот од 1991 година „Робин Худ: Принцот одметник“ – тие, исто така, оштетиле дел од Хадријановиот ѕид, римско утврдување старо речиси 2.000 години, кое денес е под заштита на УНЕСКО како светско културно наследство.
Сепак, според нивните адвокати, Греам и Карутерс ја признале одговорноста за време на разговорите со службеници за условна казна. Адвокатот на Карутерс, Ендру Гурни, нивниот чин го опишал како „пијана глупост“.
Осудувајќи ги на четири години и три месеци затвор, судијката Кристина Ламберт изјавила дека тие го исекле дрвото од „чиста глупост“.
Националниот фонд – фондацијата што се грижи за културното и природното наследство во областа – минатиот август соопшти дека во основата на дрвото се забележани знаци на живот, што ги зголеми надежите дека можеби ќе може да се оживее.
Минатата недела, Националниот парк Нортамберленд објави дека најголемиот дел од исеченото дрво ќе биде претставен во инсталација недалеку од местото каде што претходно стоело.
фото: Х