Мисисипи го отстрани симболот на Конфедерацијата од државното знаме

– Со потписот на гувернерот, јужната американска држава Мисисипи го отстрани амблемот на Конфедерацијата од своето знаме, кој масовно се смета за симбол на расизмот.

Мисисипи беше последната американска држава чие знаме сè уште го содржеше тој амблем, пренесува Гласот на Америка.

Републиканскиот гувернер Тејт Ривс вчера го потпиша историскиот закон со кој веднаш се укинува официјалниот статус на 126-годишното знаме, кое е извор на поделба со генерации.

– За мене, ова не е политички момент, туку сериозна и важна можност нашето семејство да се собере во Мисисипи, да се помири и да продолжи понатаму, рече Ривс пред да го потпише законот.

Мисисипи беше под голем притисок да го смени знамето откако протестите против расната нееднаквост во последните неколку недели го привлекоа вниманието кон симболите на Конфедерацијата.

Државното собрание во неделата усвои закон за промена на знамето, по емотивната расправа за време на викендот и децениските напори на црните законодавци и други граѓани, кои го сметаа амблемот на јужните бунтовници од Граѓанската војна за симбол на омраза.

Според Гласот на Америка, гувернерот Ривс користел неколку пенкала за да го потпише законот. Откога го потпиша, се слушале извици на славење од луѓето собрани пред неговата резиденција, кои го следеа емитувањето на церемонијата на нивните телефони. Ривс го предаде пенкалото на пратениците и активистите кои работеа на промена на знамето.

Back to top button
Close