Мистериозна ограда против мигрантите

Новата жичана ограда на српско-македонската граница веќе со денови е тема за која се шушка од двете страни. Српските власти за тоа молчат, а мештаните знаат малку, пишува Дојче веле.

На земјениот пат од селото Миратовци на крајната јужна точка на Србија кон Северна Македонија, речиси и да нема никој. Стои табла со натпис „Граничен појас – забрането движење во граничниот појас без дозвола”. Тоа е патот што води до оградата за која се шушка со денови.

Малку подолу стои една од многуте полициски патроли. Нѐ застануваат српска и австриска полиција која е тука во состав на Фронтекс и тие не дозволуваат да се оди понатаму. Ги прашуваме за оградата. Дали навистина постои? За што служи? Кој ја прави и зошто? Насмеана полицајка со раката покажува кон границата, но одговара дека не може понатаму и дека мора да се вратиме назад. ДВ бесполезно чекаше на одобрение од граничната полиција, иако барањето го пративме неколку дена порано.

Државата го купила земјиштето

На истиот тој земјен пат на враќање среќаваме мештани од Миратовци на трактор, село населено со Албанци.

Човекот оди во полињата со пченка кои се насекаде и на лош српски јазик кажува дека „не зборува српски”. Вели не знае ништо за оградата зашто неговата нива е далеку од границата, а тој не оди до граница. Додава дека долго не видел мигранти да проаѓаат по тој пат кој пред пет години беше дел од балканската рута. Тоа било прва станица во Србија за мигрантите кои доаѓале во колони.

За жичаната ограда која ги дели Србија и Македонија се шушка со денови, се појавија и први фотографии, но детали не се познати.

За оградата во изминатите денови зборуваше само претседателот на општина Прешево, Шчиприм Арифи, кога изјави дека оградата ја гради Србија и тоа во договор со ЕУ за да спречи влез на мигранти во земјата. Но, ЕУ издаде соопштение во кое се негираат наводите. Во соопштението се вели дека од почетокот на 2015 ЕУ донирала значителни финансиски средства и техничка помош во висина од 100 милиони евра, но дека тука не е вклучена оградата и дека тоа не е дел од никаков договор. Полицијата патролира долж границата, а оградата речиси никој ја нема видено.

Grenze zwischen Nordmazedonien und Serbien (DW/J. Djukic Pejic)

Еден земјоделец вели дека државата од него купила хектар и половина земјиште, но дека уште ги нема исплатено парите. Не знае ни колку треба да добие, ни кога. Само тоа дека ќе му биде платено. Покажува дека оградата оди од автопатот до брдото над Миратовци што е отприлика еден километар.

Се бараат одговори

Од српската страна на границата само се нагаѓа за што може да служи оградата, кој ја гради и зошто ја чуваат и српска и австриска полиција. Ни од македонската страна не знаат многу повеќе.

До оградата пришол македонскиот фотограф Роберт Атанасовски кој работи за АФП. За ДВ вели: „До оградата се доаѓа преку граничниот премин Табановце, се оди по пругата пешки околу километар и половина. Жицата се протега низ шумата и не се гледа цела, јас видов само делови од по 50 или 100 метра. Има таму и некои работници кои кратко работеа и потоа заминаа. Никој не ја чува оградата, нема полиција, бидејќи таа е од српската страна, а нашата полиција вели дека не ја видела и ништо не знае за тоа. Оградата изгледа сериозно, како онаа меѓу нас и Грција, сигурно е околу дваипол метри висока”, раскажува Атанасовски.

Не се знае и натаму дали некој во наредните денови ќе излезе со повеќе информации за причините за подигање на оградата на границата меѓу Србија и Северна Македонија. Засега невладините организации кои се занимаваат со прашањата поврзани со бегалците од Србија бараат да се изјасни дали ја променила својата политика спрема мигрантите.

Back to top button
Close