Мистериозниот човек од Будимпешта

Љупчо Поповски

Додека Европа, а и Македонија, го чекаат резултатот од исклучително неизвесните избори во Унгарија на 12 април, се знае речиси сѐ за Виктор Орбан, кој го бара петтиот последователен мандат како премиер. Се знае и за неговата сегашна битка да ја претстави Украина како најголем „непријател“ на Унгарија, која ќе ја уништи нејзината енергетска иднина, па дури и да ја вовлече во војна, па ја блокираше помошта на ЕУ од 90 милијарди евра за Киев. Потоа да најави целосно вето на плановите на Украина за членство во ЕУ и уште многу други блокади.

Сето тоа во трескавична потера да ги стигне осумте до десет процентни поени заостанување во анкетите на неговата партија Фидес зад опозициската Тиса. На месец и пол пред изборите разликата во анкетите е речиси непроменета во последната година. Лидерот на опозициската Тиса, Петер Маѓар, изгледа како нескршлив и покрај огромната владина пропагандна машинерија не само да му најде контроверзни точки, туку и да го натера да потклекне. Ќе биде возбудливо вечерта на 12 април во Унгарија, речиси секаде во Европа, и сосемa сигурно во Македонија. Нема потреба да објаснуваме зошто, тоа го знаат речиси сите на овој или на оној начин.

Кој е Петер Маѓар, кој неочекувано се појави пред точно две години и толку многу ја разбурка политичката сцена во Унгарија и го принуди Орбан постојано да биде во дефанзива и да смислува засега неуспешни контранапади? Сосема сигурно во Унгарија знаат доволно за него за граѓаните да му веруваат дека ќе ја почне борбата против големата корупцијата и ќе извојува важни победи. Но за Европа, дури и за унгарските соседи, тој сѐ уште е мистериозен човек, за кого не се сигурни целосно кои се неговите идеолошки основи (иако припаѓа на централната десница), како ќе се однесува кон руската агресија во Украина, што ќе прави со жестоката антиимигрантска политика на Орбан, дали ќе ги ослободи медиумите, образованието и судството од цврстиот стисок на структурите на Фидес.

Еве еден кроки за тоа како се појави Петер Маѓар, како направи вистинска револуција, за што се залага и кој би бил во неговиот тим ако победи.

 

Поранешен маж на поранешна министерка

Катапултирањето на Петер Маѓар во политиката е поврзано со голем скандал. Во февруари 2024 година, се дозна дека тогашната унгарска претседателка Каталин Новак (член на владејачката партија Фидес и протеже на Виктор Орбан) го помилувалала заменик-директорот на едно сиропиталиште, Ендре Коња, кој беше осуден за давање прибежиште на педофил. По протестите, Новак беше принудена од Орбан да поднесе оставка.

За помилувањето не требаше да се знае. Во Унгарија одлуките за помилување не се објавуваат. Откривањето беше случајно и среќна околност. По ослободувањето, Коња отиде на суд за да ја исчисти неговата репутација (тој побара да се укине забраната за работа со деца). За ова пишуваа во судскиот преглед, спомнувајќи ја одлуката за помилување. Еден адвокат го забележал тоа и им го кажал на независните новинари. Но, и во првите денови по објавувањето не изгледаше дека скандалот ќе биде од толкави размери.

Дури по првите протести Фидес почувствува дека треба да дејствува. Новак, заедно со Фидес, извесно време се обидуваа да ги минимизираат последиците од тоа што се случи. Таа поднесе оставка на претседателската функција, дури кога Орбан јасно стави до знаење дека тоа е единствената опција за да го спаси угледот на партијата.

Оставка на Јудит Варга, поранешната министерка за правда која ја потпиша одлуката за помилување, се покажа како најзначајна. Таа требаше да ја предводи партиската листа на Фидес на изборите за Европскиот парламент во јуни 2024 година, но на крајот мораше да ја напушти политиката. Нејзиниот поранешен сопруг, Петер Маѓар, го искористи ова за да започне свој политички проект.

 

Како Петер Маѓар успеа да стане лидер на протестите?

На почетокот, Петер Маѓар изгледаше само помал дел од оваа приказна. Тој беше познат само како поранешен сопруг на Варга (тие се разведоа во 2023 година) и се појави во медиумите во врска со скандалите за сопственоста на разни недвижности. Но, во јавноста малку знаеја за него: ниту го сакаа ниту го мразеа.

Двојката, која има три деца, дотогаш честопати беше избрана за модел на нуклеарно семејство во сјајни списанија во земја чија влада ги награди „традиционалните“ семејни вредности. Маѓар, кој служеше во државните одбори и работеше во различни улоги за администрацијата, вклучително и во Брисел за време на последното унгарско претседавање со ЕУ, претходно зборуваше за напуштање на кариерата за да се грижи за нивните мали деца кога кариерата на Варга почна да расте.

 

Во своите први интервјуа за независни медиуми, Маѓар почна капка по капка да дава информации за разни случаи на корупција на членовите на Фидес и нивната придружба. Но, тој всушност не кажуваше ништо што веќе не беше познато – благодарение на новинарските истражувања. Сепак, неговата комуникациска стратегија функционираше – луѓето сакаа да слушнат повеќе.

Во едно од интервјуата, Маѓар спомна дека има докази за вмешаност на Антал Роган, моќниот шеф на кабинетот на унгарскиот премиер, во корупциски скандал. Се испостави дека станува збор за аудио снимка која тајно ја направил пред една година, додека уште беше во брак со Јудит Варга. На снимката Варга, меѓу другото, вели дека Роган или негови блиски луѓе вршеле притисок врз обвинителството да ги отстрани материјалите кои се однесуваат на самиот Роган од кривична постапка. Таа, исто така, се жали дека главниот обвинител не го контролира обвинителството. Се покажа дека е нешто како бомба.

Снимката беше сензационално објавена – Маѓар ја претстави на обвинителството во Будимпешта пред море од камери. Се испостави дека тоа е клучниот пресврт во драмата што ја збуни Унгарија и обезбеди редок момент на бунт против железната контрола на Орбан врз политичкиот систем на земјата.

Чекор по чекор, тој стана сѐ поамбициозен. Веќе во јуни 2024, на европските избори, Маѓар, кој ја присвои малата безначајна конзервативна партија Тиса (кратенка од Партија за респект и слобода, основана во 2020) освои 30 отсто од гласовите и седум места во Европскиот парламент. Едно од нив беше за Маѓар, што му овозможува имунитет од кривично гонење на унгарските обвинители и судови со политички контекст.

 

Битка со национализми

Петер Маѓар не е дел од либерално-граѓанската политичка сцена во Унгарија. Уште помалку од левичарските структури. Тој е излезен од националистичкиот шинел на Фидес и Виктор Орбан. Но во внимателно калибрираната кампања тој ја користи националистичката реторика и евроскептицизмот на Орбан како свое оружје, со кое го напаѓа и делигитимира успехот на премиерот. Претставувајќи го всушност како неуспех. Тој, всушност, сака да ги натера гласачите да се запрашаат што испорача националистичката реторика на Орбан – да биде осамена држава во ЕУ (со еден релативно вистински пријател – премиерот Роберт Фицо од Словачка), која последните четири-пет години е во силно економско назадување, живеачката е сѐ поскапа, проблемите на граѓаните сѐ поголеми, а милијарди и милијарди евра фондови од Унијата се запрени поради авторитарноста на режимот.

Но Маѓар не се откажува од национализмот како таков и затоа надежите во Брисел не се толку големи. Освен што тој би бил човекот што конечно би го соборил Орбан од власта.

Маѓар вели дека нема намера да ѝ предизвика на Европската унија уште една нелиберална главоболка. „Стратегијата на Маѓар досега не беше да го надмудри Орбан во национализмот, туку да го разоткрие јазот помеѓу националистичката реторика и неуспехот во управувањето“, рече Рудолф Мец, политиколог во Институтот ТК во Будимпешта во изјава за „Политико“. „Од перспектива на Брисел, ова го прави помалку непредвидлив националистички ризик и потенцијално стабилизирачки актер“.

Но, во исто време Тиса сака да ја задржи граничната ограда, да се спротивстави на задолжителните квоти за миграција и забрзаниот пристап на Украина во ЕУ и да се стреми кон мир. Тоа не е ништо поразлично од политиката на Фидес. Маѓар се претстави како бранител на унгарските земјоделци и се изјасни против контроверзниот трговски договор Меркосур. Маѓар ја призна Русија како агресор во Украина, но исто како и Орбан, ја исклучи можноста за испорака на војници или оружје. Иако Тиса е член на Европската народна партија, нејзините седум европратеници не дојдоа во салата кога се гласаше за довербата на Урсула фон дер Лајен, што предизвика гнев во паневропската група. Тиса гласаше и против заемот од 90 милијарди евра за Украина во Европскиот парламент.

 

Калибрираните пораки од Минхен

Дека за Брисел и пошироката европска јавност Петер Маѓар е мистериозен човек се виде и на Минхенската безбедносна конференција пред две недели. Тој се сретна со германскиот канцелар Фридрих Мерц и вицеканцеларот Ларс Клингбајл, како и полскиот премиер Доналд Туск, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и финскиот претседател Александар Стуб.

Пораките беа претпазливо калибрирани. Маѓар рече дека сака да ја поправи штетата што Орбан ја направил врз демократските и судските норми, но со главна цел да се врати пристапот на Унгарија до фондовите на ЕУ и да се залага „за унгарските интереси“. Неговиот јазик за Украина беше многу поладен.

Иако тоа беше музика за ушите на мејнстримот на ЕУ, Маѓар исто така рече дека го искористил разговорот со полскиот премиер Туск за да нагласи дека не поддржува брзо членство на Киев во ЕУ.

Впечатливо е што Маѓар не се сретна со ниту еден лидер на институциите на ЕУ. Евентуалната средба би била тешка за навигација бидејќи таборот на Фидес ги преплави улиците на Будимпешта со фотографии од вештачка интелигенција на Маѓар претставен како кова заговор против Унгарија со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

 

Тимот на Петер Маѓар

Кога се појави во април 2024, Петер Маѓар изгледаше како шоу од еден човек. По 15 февруари, кога одржа голем собир во Будимпешта со кој го објави почетокот на двомесечната завршна кампања, тој на бината ги доведе луѓето со кои има намера да ја трансформира Унгарија. Некои од нив ѝ се приклучија на Тиса последните месец-два, некои последниве недели.

Меѓу нив се бизнисменот и поранешен извршен директор на „Шел“, Иштван Капитани, и дипломатот и експерт за енергетика Анита Орбан (нема роднинска врска со премиерот), која некогаш беше блиска до евроатлантското крило на партијата Фидес. Поранешниот началник на Генералштабот на Унгарија, Ромулуш Ружин-Сенди, веќе некое време е вклучен во Тиса. На 7 февруари Маѓар и неговиот кабинет на експерти конечно ја претставија долгоочекуваната изборна програма на Тиса.

Овие силни личности во Тиса ги изненадија унгарските аналитичари. Кога успешни и многу познати деловни луѓе ѝ се приклучуваат на Тиса тоа е и сигнал дека веруваат оти може да се случи промена.

Владата на Орбан многу го ценеше економистот Иштван Капитани (64) за сѐ што направи па дури му додели и Унгарски орден за заслуги. Но кога Капитани во јануари 2025 година објави дека се приклучува на Тиса како економски експерт, тонот во пропагандната машина на Орбан се промени. Тој беше обвинет дека не ги претставува интересите на унгарскиот народ, ниту принципите на солидарност.

Ништо поинаков не беше ни одност кон Анита Орбан (51). Таа има дипломи по економија и меѓународно право и е водечки меѓународен експерт за енергетика. Има студирано na Универзитетот Тафтс, а предавалa на различни универзитети во Будимпешта. Орбан, којa течно зборува англиски, руски и германски, е чест говорник за прашања од надворешната политика. Таа работеше како менаџер во „Водафон Унгарија“. Порано беше дел прозападното, евроатлантско крило на Фидес и беше специјален пратеник на Унгарија за енергетска безбедност од 2010 до 2015 година. Но кон крајот на јануари таа ја објави својата намера да се приклучи на Тиса и оттогаш се шпекулира дека би можела да биде министер за надворешни работи по изборите. И веднаш беше цел на нападите на Фидес. Сега таа е „агент на Сорос“, а министерот за надворешни работи Петер Сијарто ја обвинува за „лобирање против Унгарија“ за да ја спречи земјата да „купува евтин руски гас“.

Има уште многу други познати личности во екипата на Маѓар – од здравството, од уметноста, од банкарството, од естрадата, од црквата. Сите заедно беа дел од екипата од стотина луѓе која ја подготвуваше изборната програма на Тиса објавена на 7 февруари преку видео на Јутјуб кој трае еден час.

Дали едногодишното водство во анкетите ќе биде доволно Тиса и Петер Маѓар да победат на изборите на 12 април? Сигурно не. Орбан не треба да се отпишува, но ова е најголемото искушение за него во неговата политичка кариера. Може да изгуби од оној од кого воопште не се надевал, ниту пак сонувал за тоа.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close