Мистериозното исчезнување на струмичанецот Стојан и по еден месец остана нерешено


Повеќе од еден месец струмичкото семејство Колеви живее во неизвесност, со прашањето каде е и што му се случи на нивниот татко Стојан, кој на четврти февруари околу 7.30 часот, со велосипедот излегол од дома и повеќе не се вратил.

-Наутро се будиме со таа мисла, навечер со истата мисла легнуваме. Струмичко Радово, каде што живееме е мало место, каде и да тргне човек, некој ќе го види, ова со татко ми е мистерија. Никој не го сретнал никаде!

Да биде уште поневообичаен случајот, го нема и велосипедот со кој замина, а се работи за велосипед кој не беше исправен, гумата му беше дупната, значи каде и да тргнал, не би можел далеку да стигне со него. Во раце да го кренал и да го носел или да го туркал велосипедот, исто така е невозможно, бидејќи татко ми има 78 години, немаше толку сила- за ,,Фокус” раскажува Ѓорги, син на исчезнатиот Стојан.

Појаснува дека нема место во околината кое не го пребарале. На почеток се вклучиле голем број на екипи, полициски службеници, ловџии, доброволци… Се трагало со кучиња трагачи, со дрон, лица со четирицикли пребарувале насекаде. Сега, вели дека освен семејството, никој повеќе не го бара татко му.

-Не остана место каде не се пребара, дури и на најнепристапни локации во околината баравме. Како да пропадна во земја! Никаква трага нема, среде бел ден да исчезне човек, во место каде постојано има луѓе, не само во селото, туку и на нивите…
Одговори нема, неизвесноста не мачи сите. Јас сум полициски службеник во пензија, ваков случај за време на мојот работен век не сум сретнал. Исчезнувале луѓе и во минатото, но секогаш некој нешто ќе кажел, некој нешто видел или слушнал. Да беше татко ми физички силен, па да помислевме дека некаде заминал, но каде и да тргнал, тој далеку не може сам да стигне – вели синот.

Кога минатиот месец ја објавивме веста за исчезнувањето на Стојан, неговиот син изјави дека на денот кога татко му исчезнал во селото на снимки од камери забележале возило од друго село, со подотворен гепек. Кажа дека барал полицијата да го провери возилото, да види што носеле во гепекот, случајно да не бил тоа велосипедот на татко му.

-Се извршиле проверки на возилото, од полиција ни кажаа дека станувало збор за скала во гепекот, односно луѓе работеле на овоштарник и ја користеле за работа. Ништо друго не знаеме, се вртиме во круг, кога е топло времето самите ние, семејството пребаруваме во околината, во надеж дека ќе најдеме нешто, било тоа да е капата која ја носеше татко ми кога исчезна, го бараме велосипедот, било што…
Благодарни сме на медиумите кои ја објавија веста за исчезнувањето, така сликата на татко ми дојде до огромен број на луѓе, ми се јавија пријатели и од Турција кои прочитале. Но, нови траги за жал, се уште нема и ние живееме со прашањето – Што се случи?-вели Ѓорги.

На денот кога исчезнал Стојан бил облечен во црно палто, црни пантолони и носел плава спортска капа. Предната гума на велосипедот со кој заминал била дупната, а станувало збор за женски велосипед, со сива боја, а на кормилото имало црн заштитен сунѓер.

Доколку некој има било каква информација за случајот, може да се јави во полиција, или пак кај Ѓорѓи на 078 456 944.

извор; fokus mk

Back to top button
Close