Митаракис ги информирал Схинас и Јохансон за случаите со мигрантите во близина на Лезбос

– За случаите од петокот во источниот дел на Егејското море, кога чамци со мигранти, во придружба на турски патролни бродови се упатувале кон грчките територијални води, грчкиот министер за миграција и азил, Нотис Митаракис, испратил писмо до потпретседателот на ЕК, Маргаритис Схинас, и до комесарката за внатрешни прашања, Илва Јохансон, јави дописничката на МИА од Атина.

Во дописот, како што соопштуваат од Министерството за миграција и азил на Грција, Митаракис вели дека конкретните мигранти кои тргнале од турското крајбрежје „со оглед на тоа дека беа под строг надзор и придружба на турски бродови, произлегува дека не беа прогонувани и нивните животи не беа во опасност“.

Додава дека побарале од турските власти, да запрат со „оваа неоправдана провокација“ и да ги почитуваат обврските што произлегуваат од Заедничката изјава  ЕУ- Турција од 2016 година.

-ЕУ треба да реагира на координиран начин за ваков вид активности, кои не се насочени конкретно кон една земја- членка, туку кон ЕУ како целина, пишува Митаракис.

Паралелно истакнува дека Грција, со поддршка од Фронтекс, „активно ги брани надворешните граници на ЕУ“ и како и во минатото така и сега ќе продолжи „да не толерира никаков обид за нелегални премини, координирани од Турција“.

Back to top button
Close