Митева: Безбедноста и подобар проток на Градски се причините поради кои се бара замена на влезниците со нараквици за концертот на Давид Гета

Безбедноста и добриот проток на граѓаните кои на 8 септември се очекува да присустуваат на концертот на Давид Гета на Градскиот стадион, со кој ќе кулминира прославата на Денот на незавиноста, е причината поради која организаторите на настанот бараат оние што купиле влезници за концерот да ги заменат со нараквици.
Ова го кажа портпаролката на Владата и членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева во вечерашното гостување во централниот Дневник на телевизија Сител, каде говореше за подготовките за главната прослава на 35 години од незавиноста кои траат веќе еден месец.
Членката на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ и портпаролка на Владата, Марија Митева во вечерашното гостување во централниот Дневник на телевизија Сител / Фото: Принтскрин
За замена на картите со алки, Митева беше прашана откако ваквото барање предизвика реакции во јавноста, бидејќи дел од граѓаните кои веќе обезбедиле билети за концертот доаѓаат од внатрешност на државата, па сега ќе треба да се изложат на дополнителни трошоци да ги заменат со новото решение за влез на Градскиот стадион.
Владината портпаролка вели дека ги разбира реакции и ги следи, но, како што додава, целта е да не се остава негативна трага поради практични и објективни причини, односно да не се создаваат големи редици пред Градскиот стадион, на што граѓаните отпосле би реагирале. Вели дека не станува збор за систем кој е првпат измислен, туку за протокол што веќе функционира при организирање големи настани.
„Тоа е пред сè поради безбедност којашто мора да биде приоритет на Владата. За да не се доведеме во ситуација во којашто граѓаните можеби отпосле ќе поставуваат прашања зошто не предвидовте дека ќе има огромни редици пред самиот влез на Градскиот стадион, одлучивме да се направи еден систем којшто не е за првпат измислен, туку постои при организирање на вакви едни, би кажала, големи настани. Да се обидеме предвремено некако да ги анулираме сите недостатоци коишто можеби би се појавиле во текот на денот“,изјави Митева.
Таа вели оти верува дека организаторите ги следат реакции и дека ќе изнајдат начин како да им излезат во пресрет на граѓаните, додавајќи дека целта не е граѓаните да се оптоварат со дополнително трошење на финансии и време, особено оние кои доаѓаат од внатрешноста.
Митева не одговори конкретно на прашањето дали Владата ќе им наложи на организаторите да најдат начин да им овозможат на овие граѓани на друго место да го завршат овој процес, без да доаѓаат во Скопје. Рече оти верува дека продукцијата ќе најде решение кое ќе биде во интерес на сите граѓани.
„Целиот овој проект навистина се работи синхронизирано со сите институции. Како Влада ги слушаме сите засегнати страни и се надевам дека организаторите ќе изнајдат најдобро решение коешто ќе биде во интерес на сите граѓани пред сè“,
рече портпаролката на Владата.
Инаку, како што беше соопштено вчера од организаторите на концертот, замената на влезниците со алки ќе се врши во специјално поставените куќарки во Градски парк. Замената почна денеска и ќе трае до понеделник (7 септември). Посетителите треба да ја приложат влезницата во физичка или во електронска форма, како и лична карта или друг документ за идентификација на лицето кое ќе ја носи нараквицата.
Настанот официјално беше најавен како бесплатен, но за регистрација се плаќаше 35 денари по влезница и една личност можеше преку мејл да се регистрира за две влезници.
Таа не сакаше да шпекулира колкава бројка на луѓе се очекува на концертот на Давид Гета, но распродадените карти и големиот интерес, како се наближува прославата на Денот на независноста, според неа, говорат настанот ќе биде спектакуларен.
„Па, очекувани се навистина големи посети. Јас не би шпекулирала со точни бројки, тоа сепак е работа на безбедносните проценки, но со оглед на фактот што имавме распродажба на картите за помалку од 12 часа и дека интересот сè повеќе и повеќе, како се наближува денот се зголемува, очекувам да имаме навистина еден спектакуларен настан, односно кулминација на прославата на Денот на незавиноста, на што претходеа оние навистина прекрасни настани кои се одвиваат по повод 35 години незавиност“,кажа Митева.
Прашана зошто имало толку настани во пресрет на главната прослава на 8 септември, портпаролката изјави дека целта била на Владата била да го мобилизира чувството на граѓаните за припадност кон државата.
„Целта на Владата уште од самиот почеток не беше да завршиме со една, би кажала, протоколарна прослава којашто ќе заврши со положување свежо цвеќе или некоја централна свечена академија во рамките на институциите. Целта беше навистина да го мобилизраме она чувство на припадност затоа што незавиноста не припаѓа на институциите, ниту на Владата, сама по себе, туку припаѓа на граѓаните. Од таму и тргнавме и ценевме дека колку поблиску ја приближиме прославата до граѓаните преку настани ширум Македонија, толку повеќе ќе можат да почувстуваат дека ова е наша заедничка држава, дека заедно прославуваме“,рече Митева.






