Митева: Тужбата на Жерновски е отфрлена, а барањето за надомест на штета е одбиено – се друго е манипулација со јавноста
„Со жалење ја следам паничната и хистерична реакција на Жерновски и СДС. Интегритетот на Жерновски во македонската политика, кој смени едно чудо партии, е еднаков на една стара витрина со пајажина, заборавена и надмината со времето.

Го ставија во партиски тела за да се натпреварува кој ќе фрли повеќе кал, тоа е спорт омилен за мал дел од политичката елита на СДС. Обидот да конструира наратив за „скандал“ претставува класичен пример на политичка дезориентација и дефокус од суштинските прашања. Кога аргументите изостануваат, остануваат инсинуациите. Кога немаат одговори, продуцираат магла“ реагира на Фејсбук портпаролката на Владата – Марија Митева откако Жерновски рече дека „Портпаролката на владата има податоци за мојот процес против МНР, процес којшто се уште не е завршен. Она имаше податоци за тоа каква е пресудата. Значи јас пресудата не ја дознав од адвокатите, не ја дознав од судот, туку ја дознав од владата“.
Таа пишува „Јас секогаш стојам на кажаното. Фактите се јасни, станува збор за решение донесено пред речиси три месеци, со кое тужбата на Жерновски е отфрлена, а барањето за надомест на штета е одбиено како неосновано. Тоа е правната реалност. Сè друго е свесна манипулација со јавноста. За разлика од СДС, ниту некогаш сум манипулирала, ниту ќе манипулирам со граѓаните. Мојот збор има тежина и е прашање на кредибилитет и личен интегритет“.
„Токму затоа е очигледно дека ваквиот тотално паничен настап произлегува од страв, страв од одговорност, страв од вистината и страв од прашањата на кои сè уште немаат одговор. Наместо да фабрикуваат конструкции, нека одговорат каде води случајот со 40 тони марихуана, кој сè бил вклучен. И уште низа други одговори за криминал и корупција кои како печурки после дожд секојдневно излегуваат. Јавноста заслужува одговори, а не политички театар. Нападите дека некој „управува“ со судовите потекнуваат од нивната долгогодишна пракса на такво практицирање, тоа време заврши. Јас нема да учествувам во нивната игра на креирање лажни скандали“ стои меѓу другото во постот на Митева






