Митева за отфрленото обвинение против директорот на АНБ: Вистината е дека не постојат лажни сертификати, тоа се лаги на СДСМ

Анализите за спојување на разузнавачките агенции во една се во напредна фаза и штом ќе се створат услови јавноста ќе биде информирана, изјави денеска портпаролката на Владата Марија Митева одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција.

Во врска со коментарите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека отфрлањето на обвинението против директорот на АНБ, Бојан Христовски, од страна на обвинителството е политички притисок од ВМРО-ДПМНЕ, Митева рече дека одлуката е на судството и обвинителството составено од кадри што тие ги поставиле.

„Колку и да се обидуваат да ги лиферуваат оние лажни вести, дезинформации, колку и да се обидуваат од секоја ситуација да направат политика, да зборуваат дека некој користел лажни сертификати, дека ги менувал, поправал итн, би кажала дека дури и вакво судство и обвинителство кое е составено од кадрите кои тие ги оставија, не можат да ја сокријат вистината. Односно вистината денеска излегува на виделина, а тоа е дека не постојат лажни сертификати по однос на овие изнесени ставови од СДСМ кои континуирано имаа за цел да направат дискредитација на директорот на Агенцијата за национална безбедност“,истакна Митева.

Од ОЈО Скопје вчера информираа дека не нашле ништо спорно со ТОЕФЛ-сертификатот за познавање англиски јазик на директорот на АНБ, Бојан Христовски.

Заклучокот е дека Христовски не направил лажна исправа со намера да ја употреби како вистинска и не употребил преправена исправа како вистинска ниту, пак, како доказ во правниот сообраќај употребил исправа, книга или спис за кои знае дека се невистинити.

Back to top button
Close