Митко Јанчев го поддржа Мицкоски за нов мандат на чело на ВМРО-ДПМНЕ

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кој лани бараше оставка од Христијан Мицкоски поради поразот на парламентарните избори и најавуваше своја кандидатура за челното место во партијата, денеска најави дека во недела, на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе го поддржи реизборот на Мицкоски.

Според Јанчев, Мицковски постигнал добри резултати на локалните избори и затоа ќе го поддржи за реизборот, кој веројатно и ќе нема кој да го оспори, бидејќи досега не се јави ниту еден противкандидат. Рокот за кандидирање на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ истекува во сабота.

Мицкоски првпат беше избран на чело на ВМРО-ДПМНЕ на вонредниот конгрес во декември 2017 година во Валандово, по оставката на Никола Груевски.

Back to top button
Close