Митот за мајчинскиот инстинкт

Родителскиот мозок е нешто што се развива како резултат на искуството - и секој може да го развие.

Групата за поддршка при доење што ја посетував ме увери дека добро го хранам и се грижам за мојот син кој се роди мал, со помалку од 2 килограми и 700 грама. И покрај тоа, бев загрижена: за хранењето и грижата за него, за тоа дали сум му доволна и зошто не ја почувствував поплавата на топлина и сигурност што ги очекував од новото мајчинство?

Додека седев таму и ги слушав останатите како делат совети за испумпување, подобра лактација или подготовка за враќање на работа, гледав наоколу и се прашував за сите работи што не ги кажуваа. Дали и тие го чувствуваат судирот помеѓу тоа како си замислувале дека ќе биде и реалноста? Чувството дека нешто се сменило, но толку длабоко што се чини невозможно да се именува? Но ако не е така, што кажува тоа за мене?

Во месеците што следеа, додека барав зборови што би можеле да го опишат она што го чувствував како нова мајка, сфатив дека со мене сѐ е во ред. Всушност, јас бев каква што треба да бидам – посветена, внимателна, заштитнички настроена. Но, многу работи беа погрешни со претпоставките што ги имав за мајчинството. Особено вкоренетата идеја дека природниот мајчинскиот инстинкт ќе ме води низ тие први тешки денови од мајчинството.

Мислењето дека капацитетот за нега е целосно вроден и автоматски, и иманентно женски, е лага. Ги остава жените да се чувствуваат скршено кога во првите денови од мајчинството се соочуваат со нешто поинакво – шок, страв, неизвесност, гнев, понекогаш измешани со радост и чудење. И од приказната ги изостава другите типови родители.

Всушност, науката позади „родителскиот мозок“ најдобро може да го објасни она низ кое поминав. Таа вели дека новите родители влегуваат во период на хиперреактивност (хипер-респонзивност) во првите месеци по породувањето. Ова се случува со цел да можат да се грижат за своите бебиња и интензивно да учат како да ги разберат и да одговорат на нивните знаци, да ги предвидат нивните потреби и да знаат како да ги задоволат. Тука не станува збор за ригиден модел на однесување заснован на инстинкти, туку за процес на адаптација кој е доста исцрпувачки. Новото родителство е време на големи пресврти за мозокот, обликувани од хормоните и од изложеноста на моќните стимули што ги создаваат бебињата. Се смета дека секој што се обврзува да се грижи за бебе може да го развие овој родителски мозок, без разлика на полот (на родителот заб. на прев.) или начинот на кој таа личност станала родител.

Информацијата за родителскиот мозок го промени мојот поглед за себе како мајка. Не правев ништо погрешно. Се менував. Но, колку повеќе читав, толку повеќе се лутев – зошто не го научив ова на часовите за трудници кои ги посетував или во една од многуте книги за бебиња што ги прочитав?

Ова можеби делумно се должи на лепливоста на идејата за мајчинскиот инстинкт. Дури и ако ја прифатиме како застарена, до одреден степен, тешко е целосно да се отфрли. Делува како точна. Генерација по генерација мајките биле тие кои се грижеле за бебињата. Мора нешто да ги тера да го прават тоа. Оваа идеја ни нуди утеха – ветување дека ќе се вљубиме во бебето на прв поглед и некаква сигурност пред непознатото. Чувствуваме дека родителството нѐ менува, делови од нас се претвораат во заштитнички настроената „мама мечка“ и грижливата „мама птица“, и гледаме како овој модел го повторуваат другите.

Серија експерти ги именувале тие промени. Мајчинскиот инстинкт го сметам за класичен пример за дезинформација, нешто што делува вистинито и се повторува одново и одново додека не го земеме здраво за готово. Но не е базирано на наука. Тоа е вкоренето во религиозните идеи за мајките како пожртвувани и целосно посветени на улогата.

Во еволутивната теорија и во записите на натуралистите на крајот на 19 век, таквите идеи биле проектирани и врз други животни, чие мајчинско однесување е всушност многу поразновидно од целосно заштитничката, пожртвувана фигура што ја фаворизира моралната перспектива за мајчинството. Раните психолози набрзо го дефинирале мајчинскиот инстинкт како, со зборовите на Вилијам Мекдугал, инстинкт посилен од кој било друг инстинкт, „дури и од самиот страв“, нешто што на жената ѝ дава „нежни емоции“ неопходни за улогата што станува нејзин „постојан и сеопфатен интерес“.

Австрискиот етнолог Конрад Лоренц, кој се претставувал како експерт за човечко поврзување врз основа на неговата работа со гуски, често го опишувал инстинктот користејќи ја метафората на „клучалка и клуч“. Неговата работа имала силно влијание врз британскиот психолог Џон Боулби и неговата теорија на приврзаност. Историчарката Марга Виседо детално раскажува како врската помеѓу двајцата мажи и пишувањето на Боулби по Втората светска војна ја проширила идејата за мајчинскиот инстинкт, иако некои научници веќе почнале да се дистанцираат од идејата за инстинктите како објаснување за човечкото однесување воопшто.

Делото на Боулби го менува разбирањето за доенчињата и нивните потреби, но ја претставува добрата мајка како личност која не само што се грижи за своето дете, туку и обезбедува многу специфичен вид мајчинска љубов која станува клуч за здрав развој на детето.

Во 60-тите и 70-тите, новата генерација на истражувачи го оспори Лоренцовото гледиште за постоењето на конкретен модел на однесување кај мајките. Психобиологот Џеј Розенблат и други научници на Универзитетот Рутџерс проучувале стаорци и откриле дека и мажјаците и женките кои немале сексуален однос претходно, изложени на младенчиња, развиваат „мајчинско“ однесување. Откриле дека времето поминато со новороденчиња, а не само хормоналните промени, се неверојатно важно и за мајките стаорци.

Антропологот Сара Блафер Харди почнала да се интересира за приматите чие однесување не се совпаѓало со еволутивната теорија што ја учела претходно. Мајките, напишала таа, беа „исто толку стратешки планери и носители на одлуки, опортунисти и креатори на договори, манипулатори и сојузници, колку што беа и негувателки“.

Работата на Харди и Розенблат е основа за модерното проучување на човечкиот родителски мозок. Некои феминистки беа критични, особено кон работата на Харди за биолошките механизми кои го обликуваат мајчинството, велејќи дека таа промовира традиционален поглед кој премногу често бил замка за жените.

Јас на тоа гледам поинаку. Новото родителство е исклучително важна развојна фаза. Биолошките промени што ги носи се длабоки и значајни, но не се онакви какви што се пропагирало дека се. Тие не се автоматски, ниту се одлика исклучиво на мајките водени од ригидна, вродена женска предиспозиција за грижа. Напротив, се работи за производ на интензивно фокусирање на потребите на другиот, резултат на длабоко поврзување што се случува кога ја преземаме одговорноста за речиси беспомошно дете и ја започнуваме напорната работа на грижа. Тоа треба да биде современиот одговор на прашањето: „Што ако не сум создаден/а за ова?”

Челзи Конабој

Извор: Медуза/Гардијан
превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close