Митовите на македонскиот менталитет
Несреќата во Кочани не е судбина, туку резултат на несовесноста и корумпираноста на државните инстутиции и на одговорните во нив. Пишува Кица Колбе.
Со поимот менталитет се означува карактеристичниот начин на однесување и мислење на една група, заедница или народ, кој поединците го прифаќаат преку колективната меморија, но и како резултат на социјализацијата. За разлика од науката и писменоста, кои ги учиме во школите, менталитот го „учиме” несвесно, со тоа што децата ги прифаќаат начините на мислење, чувствување и однесување најнапред во фамилијата, а потоа и во пошироката околина. Менталитетот е слика за себе, светоглед и начин на постапување. Овие нешта се повлијаени и од несвесно прифатените „митови” за нас во светот – во минатото и во сегашноста. Тие се во нашето мислење силна „подземна река”, зашто често не сме свесни дека поради нејзиното влијание, на настаните и на состојбите реагираме постојано на еден ист начин.
За да ја запознаеме погубната „матрица” која ја повторуваме во нашето однесување, мора да ги препознаеме „митовите” со кои таа се храни. Тие се често производ на ненадминато историско искуство на порази. Наместо на поразите да им се пристапи критично-аналитички, па од тоа сознание да се направи нова стратегија и да се промени досегашното однесување, во македонското себедоживување поразите обично се архаизираат во предисторски мит. Историјата во светогледот на просечниот Македонец повеќе е судбина, а помалку поле за акција. Што значи, митовите сугерираат пасивност и немоќ, а не самодоверба и прагматичност. Нема промена на менталитетот без самокритика и без критика на митовите на македонскиот менталитет.
Македонските „црнила“ и „пирејствување”
Македонските „црнила“ – интересно е што оваа слика, како урнек на самоперцепцијата на Македонците, беше создадена преку образованието во Југославија, кога драмата „Црнила“од Коле Чашуле беше задолжителна лектира. Таа ја потврдуваше трагичната слика за времето на револуционерните борби за самостојност на Македонија во деветнаесеттиот и дваесеттиот век, која беше дел од националниот наратив. Дури денес ми станува јасно дека сликата за историјата како „македонски црнила“ е толку митолошка, што е многу тешко од неа да се изгради реалистична слика, а само од конкретна слика може да се извлече поука и да се промени светогледот. Очигледно овој мит е уште во мода, односно, кога треба, тој уште се вади од заедничкиот „куфер со митови“, затоа што само неколку дена по несреќата во Кочани, на социјалните мрежи почна да се шири една мисла на Коле Чашуле: „Како само за нас, Македонците, да се создадени сите црнила на овој век?“ Иако драмата „Црнила” раскажува за меѓусебните предавства и убиства на македонските борци за слобода на почетокот на дваесеттиот век, митолошката слика за „црнилата” сугерира дека Македонците отсекогаш се жртва на некоја зла судбина или космичка неправда. Притоа, меѓусебните убиства меѓу македонските револуционери не се ниту судбина ниту космичка неправда. Тие биле резултат на една конкретна политичка констелација, која е секогаш социјален факт и зависи од постапките на конкретни луѓе.
Таа склоност на Македонците, од поразите во минатото да прават мит, е една од причините за македонскиот дефетизам. Покомотно е да се увериме дека сме жртва на историјата, сфатена како судбина, затоа што тогаш не можеме да правиме ништо и не мораме да понесеме одговорност, односно, да бараме одговорност од надлежните. Несреќата во Кочани, на пример, не е судбина, туку резултат на несовесноста и корумпираноста на државните инстутиции и на одговорните во нив. Другите народи, кога се соочени со порази и несреќи, обично се обединуваат, Македонците токму тогаш се разединуваат партиско-идеолошки и запаѓаат во пасивен дефетизам, а тој сугерира немоќ и самочувство на жртва, што е погубно и за поединците и за заедницата.

Постоење како „пирејствување” – „Пиреј” е култен македонски мит и за луѓе кои го прочитале и за луѓе кои никогаш не го прочитале истоимениот роман на Петре М. Андреевски. За него Македонците се „племето пиреј кое не го ништи ни една војска.” Метафората на Андреевски за Македонците како пиреј сигурно е применлива за обичните луѓе во минатото, кои биле асимилирани од соседните национални идеологии и гинеле како војници во туѓи војски, затоа што немале своја држава.Во романот тоа го опишува војводата кога вели дека „за држава треба цар, даскали, доктори, писари,(…) а ти имаш само болви и болвосерки. Македонија е само едно големо буниште…“ Во „буништето“ навистина може да вирее само „пиреј“, што е троскотна трева. Но зошто кога Македонците имаат своја држава, тие и во неа уште „пирејствуваат“, уште „пркосат“ на светот, уште се мразат едни со други, уште не се солидарни? Митот за Македонците како „пиреј“ денес е ретрограден.Тој е знак за недостиг на самодоверба. Македонците денес ги имаат сите претпоставки за „саглам” држава, кои ги наведува војводата. Зошто тогаш Македонците уште уживаат да се доживуваат како троскотна трева? „Пиреј“, троскот кој вирее без солидарност со другиот, денес е само знак за македонскиот менталитет, за алчноста, за инаетот, за омразата во обичниот живот и во политиката. „Пирејствување“ во сопствената држава е знак за самоволие, непочитување на редот и законите, ползување врски и протекции, поткуп и сервилност кон моќните – само за да се преживее! Како троскотот „пиреј“, кој преживува, ама останува закоравен во земјата и не се надраснува себеси и не цути со раскошни цветови. Крајно време е особено македонските политичари да го преиспитаат своето „пирејствување“ и пред светот, како претставници на државата која одамна не функционира. Неопходна е мудра, а не пркосна политика.
Сите за себе се „аги и бегови”
„Библиска Македонија“ – овој мит е дете“ на транзицијата, на промената на свеста по распаѓањето на Југославија, во која Библијата не беше најчитаната книга, па никој не знаеше колку пати во неа било споменато името Македонија. Фактот дека македонската самостојна држава е млада држава, други народи би ги исполнило со оптимизам, со солидарност и со чувство за заедништво. Македонците, од страв пред тежината на задачите на тој пат, брзо си создадоа мит за „библиска Македонија“, небаре тоа требаше да биде „тапијата“ пред светот дека се „стар народ“, дека отсекогаш, дури и во „библиско време“, имале своја држава. Само поради фактот што во Евангелието, во мисијата на апостол Павле, се споменува дека тој од Светиот Дух бил испратен во Македонија, зашто во сон му се јавил Македонец и побарал помош, денешните Македонци изградија мит за „библиска Македонија“. Притоа, малкумина знаат дека помошта која тој Македонец ја побарал од апостол Павле била да дојде во Македонија за да го проповеда Евангелието во во борбата против старите пагански култови, најверојатно против почитувањето на сонцето. Вистинското сонце е Христос и на тоа ги научил апостол Павле тогашните римски граѓани во Македонија, кршевајќи ги. Тој култ на сонцето, кој за христијаните е паганштина, денешните Македонци го слават како божемен „најавтентичен“ македонски симбол, во исто време кога, доколку се христијани, се крстат во Христа. Во митот за „библиска Македонија“ се злоупотребува Библијата за да се одбрани еден паганскиот симбол и еден новокомпониран мит. Притоа, ниту Македонецот од сонот на апостол Павле не е идентичен со нас, денешните Македонци. Затоа што тој бил Римјанин, како што и таа Македонија, во која допатувал да мисионира апостол Павле, била римска колонија. Целта на негиовата мисија била Рим, а низ Македонија тој само пропатувал. Во социјализмот, Македонците во тогашната митолошка слика за себе беа само народот што имаше „македонски дел од пеколот“, а во самостојната држава одеднаш станаа „библиски“ избран народ. И двата мита се штетни за македонската самосвест.
Од психологијата знаеме дека тоа со што се идентификуваме, влијае на нашиот карактер и на нашето однесување. Нели е крајно време како Македонци да се ослободиме од митолошката слика за светот, да пораснеме и да се однесуваме како возрасни, одговорни луѓе, а не како деца на кои им требаат бајки и митови, затоа што тие уште не се способни да го разберат светот? Народот што има реалистична слика за себе и за својата држава, не бега во митологија, туку се заложува за одговорност и професионалност во извршувањето на должноста на секој поединец. Горан Стефановски велеше дека проблемот на Македонците денес е тоа што сите за себе се „аги и бегови”. Сите сакаат да владеат, да наредуваат и да се богатат, ако може, најдобро без работа.