Митовите за убавина и женската сексуалност

Жената учи како да изгледа сексуално привлечна, а речиси никогаш не учи како да ја осознае сопствената сексуалност.

Фотографија: Carlota Guerrero

Во многу школски учебници, анатомските цртежи за женските гениталии се цензурирани или воопшто ги нема, a женскиот оргазам и женската сексуалност не се спомнуваат никаде. Жената е оставена сама на себе во мракот со многу малку избор – каде мора да ги апсорбира фантазиите од доминантната култура и да ги постави како свои. Единствено што останува статично усвоено е митот за убавината.

Симон де Бовоар вели „Жената не се раѓа како жена, туку постанува жена“, алудирајќи на поставеноста на жената во позиција на потчинетост наспроти инстанцата на моќ што доминира во општеството. Она што го учат малите девојчиња уште од рана возраст, не е желбата за самозапознавање и прифаќање на себеси, туку желбата да се биде посакувана и да се биде предмет на сексуална опсесија. Сексот станува заложник на убавината. Сликите од порнографските филмови, Плејбој списанијата како и претставата на жената во масовната медиумска култура се врежани во главите на девојчињата и како такви остануваат низ нивниот развој. Жената станува убава само кога е привлечна за мажот.

Се разбира жената денес, почнува да се чувствува послободно во темите на контрацепција, слободен абортус и сексуална еманципација, но колку навистина може да исчезне старата манипулација за сексуалниот двоен стандард. Некогашната неинформираност и недостатокот во биолошкото сознание, најпрво за женскиот полов орган, а потоа и за женскиот оргазам, ги асоцирале мажите на нешто невозможно и абнормално. Повеќекратниот оргазам не бил позната појава при машката анатомија, а со тоа се косел со медицинска конвенција за здрава личност.

 

Фотографија: Carlota Guerrero

 

 

Неслучајно се раѓа социјалниот феномен на оргазмичниот јаз или јазот на задоволството (orgasam gap), што се однесува на општата разлика помеѓу мажите и жените во однос на  постигнување оргазам при секс со партнер/ка, кои се особено нагласени во хетеросексуални сексуални односи. Професорката по феминистички студии, Лори Минц тврди дека примарната причина за ваквата форма на нееднаквост лежи токму во нашето културно непознавање на клиторисот. Причини за тоа непознавање имало отсекогаш, но она што е заедничко е веројатно маргинализацијата, табуизирањето и стигмата на женското тело и сексуалност. Девојките се учат да ги кријат телесните процеси, појави и потреби, како првата менструација, бројот на секс партнери или губењето невиност, баш поради стравот да не бидат негативно оценети или осудени, додека машката самодоверба линеарно расте без срам кога се зборува за сексуални теми.

Ако сексуалниот порив го обликува модерното општество, тогаш „порнографската“ убавина ја обликува женската сексуалност. Митот за убавината е распространет насекаде и поставува одредени стандарди и критериуми кои се потполно прибегнати од стварноста. Митот за убавина со текот на времето се менува, но секогаш постои. Денес, станува збор за прекумерното нагласување на одредени делови од телото како што се задникот, градите и усните, на сметка на намалување на други како носот, струкот или стапалата, во функција на остварување на машката фантазија. Андроцентричното општеството го создава митот за убавината кој се шири и навлага во нашата посвест.

Митот за убавина, според кој жените се дефинираат според тоа како се набљудувани, ги одалечува од себе и едни од други и поставува надвор од сопствените тела во контекст на сексуални предмети. Сцените на сексуалното будење кај младите жени сами по себе не постојат, освен како потсмев за машкиот воајеризам. Во овој културен вакуум, се одбегнува можноста на жената да се осознае самата себеси, бидејќи колку повеќе таа станува свесна за својата сексуалност, толку полесно може да го собори митот за убавината.

 

Фотографија: Carlota Guerrero

 

Да се уништи митот за убавината е тешко, бидејќи е вграден во западната култура и во голема мера ги оркестира нашите односи, меѓукои и сексуалните. Митот за убината ја нагласува важноста на вештината за задоволување на мажот, наспроти взаемно и наизменично сексуално уживање. Трагично се создаде една култура на жени „вршители“, чија главна цел е да се инсистира жената да биде добра во сексот како тоа да е најголемото достигнување во нејзиниот живот. Наспроти концептот на давање, потребно е да се воведе концепт на учење, каде на преден план се поставува ослободување од стандардите за убавина. На тој начин акцентот би бил уживањето при сексот, наместо стремежот да се развива „вештината на задоволување“.

Извори и белешки:

Mintz B. Laurie: Becoming Cliterate: Why Orgasm Equality Matters-And How to Get It; Harper one, New York, 2007

Wolf Naomi: The Beauty Myth; HarperCollins Publishers Inc, New York, 2002

Back to top button
Close