Митревски: Малку ни фалеше да се пласираме во четвртфинале, видовме дека можеме против секого

Голманот на македонската ракометна репрезентација, Никола Митревски смета дека доколку не се работеше за Франција или Данска, против секој друг противник би имале поголеми шанси за победа.

– Овие две репрезентации се најголеми претеденти за светската круна. Се обидовме да одиграме, иако тие немаа императив за победа, но таков тип на играчи никогаш не се опуштаат иако го имаа обезбедено првото место. Секоја наша грешка ја користеа во транзиција, полуконтра…, изјави Митревски.

Во однос на тоа дека оваа репрезентација подобро изгледа на физички план и тоа е нова карактеристика на оваа репрезентација, Митревски вели дека имале доста одмор по секој натпревар.

– Можеби го подигнавме малку нивото, но видовме дека на овој турнир детали ни фалеа да се пласираме во четвртфинале. Доколку ги добиевме двата нерешени натпревари овој натпревар ќе беше за прво место, но она што треба да го научиме како играчи, како нација е да веруваме во себе и да се бориме против секој. Видовме тука дека можеме против секого, додаде голманот.

Македонија синоќа загуби од „триколорите“ и со тоа го одигра својот последен натпревар на Светското првенство кое се одржува во Хрватска, Данска и Норвешка. На крајот „жолто-црвените“ се пласираа на 15 место.

Back to top button
Close