Митрофанова: Бугарските власти не сакаат да ја купат вакцината „Спутник В“

Бугарските власти досега не и се обратија на Русија со официјално барање за набавка на вакцината „Спутник В“, изјави руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова, во интервју за локалниот весник „24 часа“. Како што јави дописникот на МИА од Софија, доколку Бугарија упати такво барање, „Русија без сомнение ќе се обиде да го задоволи“.

Руската амбасадорка во интервјуто, исто така, коментира дека во периодот 2016-2019 година во Бугарија годишно доаѓале над половина милион руски туристи. Сега, според анти-епидемиолошките мерки, забранет е влезот за руски граѓани во Бугарија.

Според амбасадорката Митрофанова, Бугарија заостанува зад Русија во отворањето на своите граници и меѓу двете земји нема директни воздушни врски. Втората пречка со која се соочуваат руските граѓани, кои сакаат да ја изберат Бугарија за своја дестинација за празниците, се визите. Таа го даде примерот на Турција, во која руски туристи влегуваат без виза, поради што во 2019 година ја посетиле околу седум милиони.

Иако не го коментираше скандалот со шпионите, во кој беше откриена група од шест бугарски државјани кои работеле за Русија и за кои двајца руски дипломати од Софија беа прогласени за персона нон грата, амбасадорката Митрофанова сподели дека Бугарија „самата го нарушила нејзиниот имиџ со постојаните напади врз нејзината земја“.

-Наивно е да се мисли дека некој ќе сака да го помине својот одмор во земја што без причина ги протерува своите сонародници. Принудена сум да кажам дека соодветна негативна заднина постепено се формира и во Русија, рече таа.

Во врска со гасоводот „Балкански тек“ и дали ќе бидат воведени санкции за негово продолжување на „Турски тек“, таа искоментира дека тоа ја претворило Бугарија во голем центар за дистрибуција на гас од европски размери.

Митрофанова најави дека според пресметките на бугарското Министерство за енергетика, Бугарија ќе добива околу 330 милиони лева (165 милиони евра) за транзит на руски гас. Според неа, руската државна корпорација „Росатом“ би го задржала својот интерес да биде стратешки инвеститор во новиот проект за единицата VII, доколку идната бугарска Влада отвори постапка за нејзина изградба.

Руската амбасадорка во Софија ја цитираше проценката на експертите за проектот предложен од Американците за нова единица на АЕЦ Козлодуј врз основа на опремата наменета за АЕЦ „Белене“, велејќи дека тоа е проект губитник. Прво, затоа што, според Митрофанова, тоа би било поскапо бидејќи ќе треба да се изгради нова локација и да се изгради целата инфраструктура што веќе била подготвена во Белене. Второ, според експертите, изградбата на Единицата VII на АЕЦ Козлодуј ќе трае најмалку пет години подолго.

Back to top button
Close