МКД И ОСТАНАТИ

Кога после еден продолжен викенд, пред неколку месеци, прашавме зошто никој не ги менува ни прегорените зелени и црвени сигнални светилки на граничните премини, за да знаеш од далеку во која колона да се наредиш, од МВР ни рекоа дека менувањето светилки е во надлежност на Царината. Од Царината ни рекоа дека менувањето светилки на граничните премини е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Во Министерството не се ни осмеливме да прашаме оти не сакаме да нè третираат како малоумни.

Е затоа не функционира МКД лентата. Туку, така… Од немукает, од неодговорност, од неорганизираност, од мрза, од небавење со својата работа, од неказнивост, од префрлање на одговорноста еден на друг… А ич не е тешко. Имаш лента „МКД“. И имаш лента „ЕУ и останати“. Како бре, кога одиш во странство никогаш не ти текнува да застанеш во колоната за „ЕУ“, туку дисциплинирано си чекаш во онаа за „останати“? Оти таму може и да те казнат. Се однесуваш според правилата на државата. Ама таму државата си ги почитува своите правила. Исто како што си ги почитува своите граѓани. А во Македонија не ги почитуваш правилата затоа што гледаш дека и самата држава не ги почитува.

Уверен сум дека ич не е тешко да се организира повторно да профункционираат МКД лентите на граничните премини. Не е решавање задача по нуклеарна физика. Многу е едноставно. Само министерот за внатрешни работи треба да даде наредба, а командирите на полициските станици на фрекфентните гранични премини таа наредба да ја спроведат. Ако не ја спроведат, да бидат казнети. Толку од предизвикот.

Важно – „за луѓето се работи“. Па и ние што имаме само македонски пасош сме некои луѓе. Ние немаме резервна татковина. Нам дајте ни привилегиран влез и излез од дома. Барем толку ни должите што ви ја трпиме неодговорноста

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close