МКК Куманово во неизвесна завршница го доби дуелот со Гостивар

Екипата на МКК Куманово вечерва оствари важна победа во борбата за опстанок во Супер лигата откако во неизвесна завршница го победи Гостивар со 75:73. Победничкиот кош го постигна Стојан Ѓуровски на десет секунди до крајот, а гостите не го реализираа последниот напад.
Во првиот дел домашниот тим беше подобриот тим и имаше предност на полувреме од 42:30, но гостите резултатски се вратија во последната четвртина кога и во неколку наврати имаа водство. Сепак финишот им припадна на домашните кошаркари. Урош Луковиќ од Куманово со 27 поени и 14 скокови беше најдобриот поединец на натпреварот.
На вчера одиграниот дуел од плејаут лигата Чаир го совлада тимот на Ангели 91:69. Утре играат Работнички и Феникс со почеток во 18 часот.
Чаир е на врвот на мини-табелата во борбата за опстанок со 35 бодови, пред МКК Куманово со 34, Работнички има 31, Феникс 30, Гостивар 29 и Ангели 24.
Утре се играат и трите дуели од првото коло од Лигата за титулата: ТФТ – Тиквеш Голден Игл (почеток 13 часот); МЗТ Скопје Аеродром – Кожув (14 часот) и Пелистер – Маџари (18 часот).






