„Млади од семејна разновидност“: Со новиот закон за високо образование се враќа укинатото право на студентите на самохрани родители и од еднородителски семејства
Невладината организација „Млади од семејна разновидност“ – Скопје го поздравува Предлог-законот за високо образование затоа што ги препознава студентите на самохрани родители и од еднородителски семејства, се наведува во нивното соопштение.

Како организација за млади од самохрани и еднородителски семејства, го пренесуваме нашиот став во однос на Законот за високо образование.
Повеќегодишна борба за повторно враќање на правото на студентите од самохрани и еднородителски семејства – право кое некогаш им припаѓаше, а со важечкиот Закон за високо образование беше укинато. Предлогот за новиот Закон за високо образование конечно ги препознава токму овие студенти.
Оваа борба никогаш не била за создавање ново право, туку за исправање неправда и враќање на веќе стекнато право.
За жал, во тој процес бевме сведоци и на навредливи и недозволиви квалификации, меѓу кои и одговорот од Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност при МОН, каде што самохраните и еднородителските семејства беа означени како „дисфункционални“ и „некомплетни“.
Во изминатите години испративме безброј иницијативи и предлози до релевантни институции и носители на одлуки, до: Владата, Министерството за образование и наука, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за правда, Претседателот и Собранието на Македонија. Паралелно, секоја година доставувавме предлози и до универзитетите, со цел стотици млади луѓе од овие семејства да добијат намалена партиципација за високо образование и еднаква шанса за академски развој.
Остануваме внимателни и ќе го следиме понатамошниот тек на постапката, со очекување решението да биде усвоено и применето во пракса.
„Млади од семејна разновидност“ – Скопје






