Млади пијанисти од 11 држави ќе се натпреваруваат на меѓународниот натпревар „Пијано клавиш“ во Скопје

Второто издание на Меѓународниот натпревар „Пијано клавиш“, единствен од ваков вид, посветен на пијаното, ќе биде одржан денеска и утре во Салон 19:19 во Скопје.

Ќе се натпреваруваат 145 пијанисти од 11 држави. Натпреварот е организиран во четири дисциплини, поделени во 10 возрасни категории, сопшти Здружението за промоција и развој на културата „Piano Key“.

Во комисијата за оценување на пијанистите од основните училишта се м-р Катерина Ќетковиќ Фидановска и м-р Колос Цури, професори по пијано од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, м-р Светлана Димитриевска, раководител на одделот за пијано во ова училиште, како и д-р Ема Попивода, актуелна директорка на македонскиот Културно информативен центар во Тирана и професорка на Музичката академија во Штип.

Настапите на учениците од средните училишта ќе ги оценува комисија во состав: Весна Кршиќ, професорка од Факултетот за музичка уметност во Белград, проф. д-р Елена Атанасовска – Ивановска, раководител на Катедрата по пијано при Факултетот за музичка уметност од Скопје и м-р Катерина Ќетковиќ Фидановска.

Настапите во онлајн-категоријата ќе ги оценува меѓународна комисија составена од Илинка Манова, истакната македонска пијанистка и професор по пијано во Њујорк, Франческа Видал, професорка по пијано во Музичката школа во Венеција и Данијел Ото, професор по пијано во едно од најдобрите музички училишта во Хрватска „Музичка школа Вараждин“, во која е раководител на Одделот по пијано.

Организаторите, Ема Попивода и Светлана Димитриевска, истакнуваат дека во комисиите се вклучени врвни имиња од пијанистичкиот свет кои младите таленти ќе ги следат и оценуваат на највисоко професионално ниво. Целта на натпреварот е поттикнување на младите пијанисти и нивна промоција пред значајни педагози.

Добитниците на специјалната прва награда во секоја категорија, како и избрани учесници, ќе добијат покана за настап на Завршниот гала-концерт во Скопје, кој ќе се одржи во Камерната сала на Македонската филхармонија.

Апсолутните победници и специјално наградените учесници ќе добијат медал на церемонијата на доделување награди за време на завршниот гала-концерт.

Жирито ќе додели и специјални награди во соработка со Сојузот на композиторите на Македонија, Културно-информативниот центар во Тирана и Амбасадите на Австрија и Јапонија во Македонија, и тоа: Награда за најдобра изведба на дело од македонски композитор; Награда за најдобра изведба на дело од австриски композитор; Награда за најдобра изведба на дело од јапонски композитор.

Во рамки на меѓународниот натпревар прв пат во Македонија се избира и млад пијанист за 2025 година. Членови на оценувачката комисија за овој избор се Симон Трпчески, истакнатиот македонски пијанист, проф. д-р Елена Атанасовска Ивановска и м-р Катерина Ќетковиќ Фидановска. Изборот на Млад пијанист на годината во Македонија е поделен според возраста во следните категории: родени 2015 и помлади; родени 2010-2014 година; родени 2007-2013 година.

Back to top button
Close