Младите ја продолжуваат струмичката карневалска традиција

Иако струмичани веќе три денa живеат со ритамот на годинашните карневалски празнувања, сепак вечер, на главната карневалска поворка, ќе протече реката од маски, која заради пандемијата од Ковид-19 две години беше секната. Карневалската треска на големо се чувствува насекаде, а струмичани остануваат верни на аманетот на претходниците подготвувајќи ги своите маски. Меѓу нив се и најмладите струмичани, наследници на долгата и успешна карневалска традиција.

Групата при ОУ „Видое Подгорец” од Струмица, предводена од учителката Соња Цицимова и нивните родители изминатите денови ја усовршуваа кореографијата за триминутниот настап. Младите карневалистите повеќе години по ред освојуваат награди и успешно го претставуваат Струмичкиот карневал на карневали во странство.

 

Младите карневалистите маскирањето го запознаа кога беа првоодделенци со маската „Виножито”, па беа „Папагали”, „Пуканки” и последната „Струмички шпагети” по која се познати надалеку. Годинава ќе настапат со маската „Пчелин рај” и се надеваат дека и со неа ќе го соберат медот од успеси.

-Преку игра и музика со маската сакаме да испратиме порака за една многу важна и актуелна тема-да имаме поодговорен однос кон природата, здравиот начин на живеење и екологијата, односно дека се зависи од сите нас, вели Цицимова, која никако не сака да открие повеќе за маската и се држи до непишаното правило на Струмичкиот карневал таа да се крие до почетокот на големата карневалска забава.

Додава дека нивната маска ќе биде многу „дарежлива” и очекува успешен настап.

 

– Наградата не е единствената цел за која ние сме заедно. Во маската покрај децата учествуваат и родители и таа на некој начин е и фамилијарна. Изминативе години нашата дружба премина во големи пријателства и на сите средби секогаш главна тема е карневалот и нашите маски, посочува Цицимова.

За неа токму преку изработката на маските и учеството на карневалите се всадува љубовта кон вековната струмичка традиција и возрасните се тие кои треба да им помогнат на децата да ја сфатат важноста на оваа манифестација.

– Треба да сфатиме дека карневалот се случува во Струмица, односно не е во секој град. Празникот Тримери е карактеристичен само за нашиот град и ако ние како струмичани не ги поддржуваме и продолжуваме, тогаш лесно може да дојдеме во ситуација традицијата да исчезне, смета учителката Соња.

 

За годинашната маска, како и за претходните, вели дека има неколку општествено одговорни компании кои им помагаат и кои го препознаваат квалитетот и веруваат дека средствата ги вложуваат во нешто убаво, за радоста на многу деца и дека тоа е едно општо задоволство.

– Поддршка ни даваат неколку одговорни компании меѓу кои јавна благодарност им искажувам на компанијата „Фико-пласт” и соработката со пчеларската задруга ,,Пчелин рај” која придонесе за поавтентично претставување на нашата идеја, подвлекува Цицимова.

За неа засега единствен сладок проблем со кој се соочила е растењето на децата и пo пауза од две години единствено треба да се извршат корекции на маските, бидејќи со оваа маска требаше да настапат на карневалот во 2020 година, кој како и ланскиот не се одржаа заради пандемијата.

 

Учителката Соња Цицимова веќе крои планови за понатаму. Не знае која ќе биде наредната маска. Вели дека за неа ќе размислуваат со учениците и родителите по завршувањето на карневалот, односно како што вели таа откако ќе заседава семејниот совет.

Годинава Струмичкиот карневал се одржува од 2 до 9 март. Главниот настан, карневалското дефиле се одржува вечер, а утре е традиционалниот детски карневал по повод празникот „Прочка”.

Back to top button
Close