Младите и евроскептицизмот: Над 40% со позитивен став кон ЕУ, но без верба во брза ЕУ интеграција на земјата

41 процент од младите во земјава ја доживуваат Европската Унија позитивно, 24 проценти имаат негативен став за Унијата, додека нешто над една третина или речиси 35 проценти од младите се неутрални, што јасно укажува на отворен простор за дејствување, но и на отсуство на конкретно доживување или поврзаност со ЕУ вредностите.

Во поглед на иднината на земјата во Унијата, податоците се мошне скептични. Речиси половина од испитаниците, односно 46.5 проценти, не веруваат дека Македонија воопшто ќе стане земја-членка на ЕУ. 35.8 проценти сепак се изјаснуваат дека македонската евроинтеграција ќе се случи, но во подалечна иднина, додека само 6.7 проценти веруваат дека тоа може да се случи во следните пет години, а останатите 11 проценти не знаат, односно немаат став по ова прашање.

Корупцијата е убедливо посочена од младите од земјава како најголема пречка за европската интеграција, со 84.6 проценти од испитаниците што ја избрале оваа опција. По неа следат билатералните спорови (61 процент) и ниската доверба во институциите (60 проценти) – фактори кои јасно покажуваат дека младите ја препознаваат внатрешната политичка состојба како клучен предизвик за приближување кон ЕУ, но и очекуваат конкретни чекори од националните институции во борбата против корупцијата како основа за подобри услови за живот и останување на младите во земјата.

Според анкетата, младите се изјасниле дека се доволно запознаени со вредностите и политиките на ЕУ. Оваа можност ја избрале 53 проценти, додека речиси ист број на млади испитаници рекле дека се многу (22 проценти) или, пак, малку (21.5 проценти) запознаени за ЕУ. Низок процент, односно само 3.5 проценти од младите рекле дека воопшто не се запознаени со вредностите и политиките на Унијата.

Најголема заинтересираност помеѓу младите од земјава на теми поврзани со ЕУ предизвикуваат можностите за работа и живот во ЕУ за што се изјасниле 76.2 процент. На второто место се програмите за образование и млади како Еразмус+ за што се изјасниле 55.1 процент, додека, пак, третото место го заземаат темите поврзани со заштитата на човековите права, опција за која се изјасниле 50 проценти од младите. Понатаму младински интерес за ЕУ будат заштитата на животната средина (48.1 проценти), дигитализацијата и иновациите (44.5 проценти) и културната размена (32.2 процент).

На прашањето „Доколку имате можност, дали би сакале да учествувате во дијалог со претставници на ЕУ?“ високи 41.6 проценти од испитаниците изразиле желба да учествуваат во дијалог со претставници на ЕУ и нејзините институции, што покажува отвореност за директна комуникација и вклучување. Сепак, 30.5 проценти од младите луѓе ја избираат опцијата за неучество во ваков дијалог, а сличен број млади луѓе (27.9 проценти) се изјасниле дека во моментов не се сигурни дали би се вклучиле или не. Одговорот на ова прашање повторно остава голем простор за проактивни мерки и активности од страна на ЕУ со цел поттикнување на дијалог со младите од земјите-кандидати за членство во Европската Унија.

На прашањето која земја од Западен Балкан најверојатно ќе стане членка на ЕУ во следните пет години, младите од земјава најчесто го избираат одговорот дека тоа ќе биде Албанија, со над 53.2 проценти од гласовите, додека втора на листата е Црна Гора со 34.5 проценти. Следи Србија со 14.7 проценти, додека под 10 проценти се останатите земји од Западен Балкан. Македонската интеграција како реалност во следните 5 години е посочена само од 8.2 проценти од испитаниците, што претставува јасен сигнал и аларм со цел преземање на конкретни мерки и активности особено од домашните институции и носители на јавни функции со цел брзо надминување на загубената надеж и уверување во европската перспектива на земјата помеѓу младите луѓе со цел нивно целосно оттргнување од евроскептицизмот.
„Овие резултати се сериозен аларм и повик за акција. Ако не им се понудат реални можности, стабилност и разбирање, младите од земјите-кандидати за членство во Унијата можно е сѐ помалку да гледаат иднина во евроинтеграциите. Потребна е нова, искрена и блиска комуникација со младите, цврсти партнерства помеѓу ЕУ и земјите-кандидати за членство со фокус на младите, но и конкретна економска и демократска поддршка, која ќе биде навистина широка и отворена за секоја млада личност“, изјави Бојан Кордалов, комуниколог и директор за креирање на политики и комуникации во Европскиот центар за извонредност (ЕЦЕ) со седиште во Брисел.
На анкетата одговорија над 1.000 млади луѓе од земјава од кои 81.5 процент се актуелни студенти на додипломски или постдипломски студии, а е спроведена во соработка со младинската платформа „Студентарија“ и претставува дел од тековен истражувачки процес кој ќе резултира со тематска публикација на македонски и англиски јазик и конкретни препораки за идно дејствување на националните и ЕУ институциите со цел правилно адресирање на евроскептицизмот меѓу младите луѓе во земјите-кандидати за членство во Европската Унија.