Младите мажи се поконзервативни од “бумерите”

Ново истражување покажа дека момчињата и младите мажи имаат поконзервативни ставови за родовите отколку “бумерите”.

Над 3.600 луѓе беа анкетирани од Ипсос за потребите на Институтот за политика на Кралскиот колеџ во Лондон и Глобалниот институт за женско лидерство. 16 проценти од младите мажи се согласија со изјавата „феминизмот направи повеќе штета отколку корист“, додека само 13 проценти од постарите од 60 години го делат истиот став.

Бројките покажуваат дека секој четврти маж во Велика Британија на возраст од 16 до 29 години верува дека е потешко да се биде маж отколку жена. Ова е и покрај тоа што четвртина од жените доживуваат некаков облик на сексуално насилство и родовиот јаз во платите во Обединетото Кралство изнесува 7,7 отсто. Истражувањето исто така покажало дека 68 отсто од жените на иста возраст веруваат дека е потешко да се биде жена отколку маж.

Дополнително, една петтина од младите мажи имаат „поволен“ став за самопрогласениот мизогинист Ендрју Тејт. Тејт моментално се соочува со обвиненија во Романија за трговија со луѓе, силување и формирање криминална банда за сексуална експлоатација на жени.

Тој отворено ги користеше своите платформи на социјалните мрежи за да зборува за жените на понижувачки и дехуманизирачки начин, опишувајќи ги жените кои не се девици како „искористена роба“ и сугерирајќи дека жртвите на силување сносат „одредена одговорност“ за силувањето.

Според резултатите од анкетата мажите од помалкубројните етничките групи во поголема стапка го следат Тејт, а повеќе од една третина се согласуваат дека тој „отвора важни теми за реалните закани за машкиот идентитет и родовите улоги“, во споредба од 12 отсто од белите мажи на иста возраст.

Зборувајќи за „Гардијан“, младинскиот работник Колин Брент вели дека тоа би можело да се должи на тоа што Тејт остава впечаток дека нуди инстант решенија за мажите кои се борат да си го најдат местото во општеството.

„Ендрју Тејт нуди инстант решенија и тоа е она што луѓето го сметаат за привлечно“, вели Брент. „Тој вели дека вака треба да бидеш маж. Вака ќе се збогатиш. Остава впечаток дела има инстант алтернатива на бавниот процес на политички промени“.

На Џордан Петерсон, исто така, позитивно гледаат 32 отсто од момчињата и мажите помеѓи 16 и 29 години, во споредба со само 12 отсто од жените на истата возраст. Петерсон сугерираше дека „наметнатата моногамија“ може да помогне да се запре машкото насилство и имплицираше дека патријархатот постои затоа што мажите се инхерентно покомпетентни.

„Ова е нов и необичен генерациски модел“, изјавил за Гардијан професорот Боби Дафи, директор на Институтот за политика KCL. „Нормално е помладите генерации да се покомотни со новите општествени норми, бидејќи тие пораснаа со нив како иманентен дел од нивниот живот“.

Роси Кемпбел, директорка на Глобалниот институт за женско лидерство за Гардијан вели дека социјалните медиуми веројатно имаат голема улога во ширењето на мизогини верувања помеѓу младите мажи.

Фактот што луѓето на оваа возраст првите информации ги извлекуваат од социјалните мрежи, веројатно е барем дел од објаснувањето“, вели таа.

Иако е добра вест што мажите кои ги споделуваат овие сексистички верувања се во во малцинство, Дафи нагласува дека бројот на млади мажи кои имаат неповолно гледиште за феминизмот во никој случај не е незначителен. „Постои статично малцинство од една петтина до една третина кои имаат таков став. Ова укажува на реален ризик од сериозна поделба меѓу оваа генерација што доаѓа“, рече тој

Back to top button
Close