МНД-Битола на наставниците во Битола им подари прирачник „Ајде да зборуваме и да пишуваме правилно македонски“

– Македонското научно друштво-Битола на наставниците од основните и средните училишта во овој град им подари прирачник со наслов „Ајде да зборуваме и да пишуваме правилно македонски“.

Претседателот на МНД-Битола, доц. д-р Невена Груевска истакна дека грижата за македонскиот јазик во научното друштво се води од првиот ден на формирањето, во текот на повеќе од шест децении, а така е и денес. 

-Грижата за македонскиот литературен јазик МНД-Битола ја негува 61 година, од денот кога е формирано Научното друштво. Во записникот од 1960 година е посочено дека основен мотив за формирање на Друштвото бил да им се овозможи на сите културно-просветни и други работници, афирмација во однос на научно прибирање и публикување на разни трудови на македонски јазик. Грижата за македонскиот јазик во нашето Научно друштво се води од првиот ден, во текот на целиот изминат период,  а така е и денес. Но, оваа година, ние, нашата генерација имаме дополнителен мотив поврзан со големиот јубилеј 100 години од раѓањето на академик Блаже Конески, еден од втемелувачите и кодификаторите на современиот македонски литературен јазик. Славејќи го јубилејот, ние одлучивме на сите наставници во основните и средните училишта во Битола да им подариме по еден прирачник со наслов „Ајде да зборуваме и да пишуваме правилно македонски“, посочи д-р Груевска.

Автор на прирачникот „Ајде да зборуваме и да пишуваме правилно македонски“ е Здравко Божиновски,  научен работник, македонист, фолклорист, писател, поет, препејувач на светската класична поезија и еден од најстарите членови на Македонско научно друштво во Битола.

-Зошто се одлучивме на овој чекор!? Затоа што сакаме директно да придонесеме за правилно зборување и пишување македонски. Затоа што сакаме точна употреба и примена на македонскиот јазик и затоа што сакаме да дадеме пример како треба да се бориме против сите деформации на литературниот јазик кои во најголем дел од незнаење ги прават различни генерации, а за жал позачестени се во секојдневната комуникација. Прирачникот го подаруваме на наставниците во основните и средните училишта во Битола, кои низ директен контакт со младата генерација, а со наша поддршка ќе придонесат за да зборуваме и да пишуваме правилно македонски, нагласи д-р Груевска.

Авторот Божиновски е внесен во Македонската енциклопедија, потписник е на 11 книги и 35 научни статии од областа на националната историја, литература и македонскиот јазик, а во кариерата добил 17 национални и интернационални награди и признанија, информираа од Македонско научно друштво-Битола. 

Back to top button
Close