МНОГУ ДЕМОКРАТИЈА НЕ Е НА АРНО

                           

                                                                                 

 

м-р Глигор Стоименов

                            

“Се претера и со ова демократијата“, честопати знаеше да ми каже еден комшија минативе години, за време на претходната власт. Потоа негодуваше зошто никој од ништо не се плаши! Ниту пратениците од претседателот на партијата, ниту министрите, ниту подредените имаат страв од шефот, ама баш така зборуваше овој човек и на крајот секогаш завршуваше со оваа констатација дека многу демократија не е на арно. Не знам баш дали беше така, не можам да се сложам, но факт е дека ова е перцепција на голем број луѓе за минатата власт.

Секако дека во анализите кои ќе ги прават во СДСМ околу изборниот пораз ќе влезе и овој аргумент, дека “многу демократија не е на арно“. Но анализи околу овие работи ќе се прават многу, ќе има многу “генерали по војната“ тоа обично е секогаш така. Но моето мислење, односно мојата анализа околу изборниот пораз на СДСМ се темели на два аспекти.

Во првиот аспект, односно првата и најсилна причина или аргумент за овој пораз е тоа што го напишав и самиот пред околу два месеци пред изборите, дека е опасно во една демократија кога најбројниот и најсилниот носител на суверенитетот во оваа држава, а тоа е македонскиот народ, се чувствува дека има “расклатени нозе“, односно не е свој на своето и се чувствува национално инфериорен, односно кога политичката елита на власт не може да му гарантира дека е свој на своето. Во тој случај масовно ќе го даде својот глас за оној што ќе му го вети тоа што чувствува дека го изгубил, ќе му вети “Твоја Македонија“! Кога на најбројниот и најсилниот носител на суверенитетот ќе му играте на мали голчиња и ќе му го газите националното достоинство, а при тоа нема кој да Ви каже доста е, ќе го добиете овој резултат на изборите. Луѓето масовно гласаа за “дедуизација“ на општеството наспрам европеизација. Иако некои велат дека масовно се гласаше за “деалбанизација на Македонија“ со тоа не можам да се сложам, затоа што главно незадоволството на Македонскиот електорат беше насочено кон ДУИ. Сега за волја на вистината треба да кажеме дека и поранешниот премиер Зоран Заев уште од 2019 година ја виде оваа работа колку е опасна по рејтингот на неговата партија, уште пред претседателските избори во 2019 година и почна да работи на тоа ДУИ да замине во опозиција, но немаше успех, едноставно немаше со кого, со 46 или 48 пратеника таа битка не се добива, но веќе со 58 е друга работа. Може колку сакате анализи да правите но на крајот се се сведува на ова, сите патишта водат натаму.

Во вториот аспект, односно причини за изборните резултати спаѓаат сите оние работи кои и до сега ги кажувавме, ги кажуваат и другите и кои ги знаат во партијата и секако дека ќе ги анализираат и ќе се обидат да ги сменат понатаму.

 

Каков претседател му треба на СДСМ ?

Во недела на 30 јуни СДСМ ќе го избира својот претседател на непосредни избори. Тоа е важен настан за демократските процеси во земјата затоа што е потребно да се има силна и одговорна опозиција и секако изборот на сериозно решение за претседател на најголемата опозициска партија е доста значаен. Но повторно имам впечаток дека “многу демократија не е на арно“. Секако дека оваа демократска пракса на непосредни избори каде што членовите го избираат претседателот на партијата треба да се поздрави, но имам впечаток дека и во тоа се претера. Овие настапи и соочувања на кандидатите пред нивните гласачи вака јавно и транспарентно пред сите не знам дали беа потребни. Требаше внатре во партијата да си тераат кампања, доволно беше тоа што членовите ќе имаат можност да се изјаснат, инаку вака сеир гледаат сите, коментираат медиумите се и сешто и ги мамат кандидатите да го покажат и да го истурат пред јавноста своето добро и грдо лице и своите суети. Немаше потреба за тоа. Во СДСМ треба да знаат пред каков електорат настапуваат пред се. Па тие за противник имаат сега партија која е многу силна и победничка, која освои скоро апсолутно мнозинство и која во многу сегменти е војнички устроена, а СДСМ пак ќе спроведува високо демократски процедури во Македонија. Тоа на народот ништо не му значи. Нашиот народ сака цврста рака, демократија не му треба многу. Токму затоа гласа. Не знам како некој не го разбира тоа. Треба да се прилагодите на нивото на развој и политичка култура на Вашите граѓани.

Инаку што се однесува до кандидатите сите имаат свои карактеристики и квалитети но еден од кандидатите мислам дека навистина се истакнува во својот не фер настап. Да се омаловажува и навредува некој кој и донел три победи по ред на партијата по 11 годишна опозиција, каков и да е па нека е и “пазарџија“, многу е. Тој ист кандидат се однесува во стилот “ Нисам одавде“, “не сум бил ништо“, “не сум бил директор“, сите се виновни, јас не. Ваква невтемелена и неаргументирана ароганција и самобендисаност наспроти  една прилично опскурна појава и харизма, навистина до сега ретко сум видел. Но за волја на вистината треба таму во партијата да знаат дека во ВМРО-ДПМНЕ се уште имаат некаков респект и се уште помалку страв од Зоран Заев, Љупчо Николовски и Венко Филипче. Да, тоа е точно, нека не се налутат другите двајца кандидати тие се одлични и квалитетни и до сега играа доста фер.

Ајде да бидеме реални и објективни. Во СДСМ треба да бидат спремни дека кандидатот кој ќе го изберат ќе треба да го остават во неколку наредни изборни циклуси да води битка. Истоа така како што ВМРО-ДПМНЕ го оставија Христијан Мицковски седум години да ја води партијата до конечна победа. Сега ситуацијата во опозицијата е тешка и вонредна. Никој не може да очекува некаков голем резултат на наредните локални и парламентарни избори. Треба макотрпна и стрплива работа и тоа со години поминати за враќање на изгубената доверба.

По мое убедување, мислам дека др. Венко Филипче е најсериозен кандидат за една ваква долга битка на опозицијата. Тој покажа вонредна трпеливост и истрајност, пред се професионализам во најтешките моменти во времето на Ковид кризата и перцепцијата на граѓаните спрема него е доста позитивна. Се работи за кроток човек, харизматичен пред се и врвен професионалец во својата област. Трпелив до бескрај. Верувам дека со добар тим околу него, со луѓе со доста широк спектар и познавање од повеќе области може да ја врати довербата на гласачите во периодот и годините кои следат, секако со упорна и трпелива работа за што впрочем и се докажа.

Но секако тоа ќе го оставиме на членовите тие да одлучат и да го кажат последниот збор.

 

 

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close