Мнозинството не прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за пасошите да оди на дневен ред по итна постапка

Со предлог-измените на Законот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараа пасошите со старото уставно име наместо до 12 февруари 2024 година, како што е предвидено со Преспанскиот договор, да продолжат да важат до крајот на годината, како што претходно беше направено со возачките дозволи.

Потребата од носење на измените денеска пред пратениците ја образложи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. Тој рече дека изменувањето на Законот е неопходно поради тоа што со моменталната ситуација извесно се прекршува загарантираното право на движење на граѓаните согласно членот 27 став 2 од Уставот на државата.

Сепак, мнозинството пратеници не прифати предложените измени по итна постапка да се најдат на дневен ред на денешната 145. седница, чиј почеток доцнеше два часа поради технички проблеми во Собранието.

По ваквиот исход, со реакција на социјалните мрежи се јави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој ги обвини СДСМ, ДУИ и НСДП дека бранејќи ги грешките на поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски гласале против продолжување на важноста на пасошите со старото уставно име – Република Македонија.

„Со ова, за жал, СДСМ, ДУИ и НСДП оставија на цедило 600 000 македонски државјани на кои им е нарушено правото на слободно движење, а на голем дел со ова им се загрозени работните дозволи во странство, документите за постојан престој, како и лекувањето или образованието надвор од Македонија“,

напиша Милошоски на Фејсбук.

Гласањето го прокоментира и неговиот сопартиец и колега пратеник Драган Ковачки, кој освен статусот со критики до ДУИ и СДСМ објави и фотографии од листата на пратеници, кој од нив како гласал за предлог-измените.

Според листата што ја објави пратеникот, за измените да бидат ставени на дневен ред по итна постапка „за“ гласале 46 пратеници, додека „против“ се изјасниле 54.

Изминативе денови функционерите на ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати ги повикуваа пратениците на СДСМ и ДУИ ги поддржат измените за да се стави крај хаосот со замената на пасошите. Велеа дека потребни се 15 пратеници од власта кои заедно со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го изгласаат законот за продолжување на важноста на пасошите

Одговорот од другата страна одеше во насока дека тоа што го бара ВМРО-ДПМНЕ се коси со Уставот бидејќи Преспанскиот договор е меѓународен договор кој е дел од внатрешниот правен поредок на земјава и не може да се менува со закон.

„Според информациите што ги добивам е дека тој закон нема да ги реши проблемите и дека е спротивен на членот 118 од Уставот во смисла на тоа дека меѓународните договори дека се дел од внатрешниот правен промет и фактички дека не можат да се менуваат со друг закон, така да конечната одлука ќе биде соопштена во текот на денот“,

изјави вчера претседателот на Собранието, Јован Митрески.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, минатата недела изјави дека залудно ќе биде менување на закон со кој ќе се продолжи рокот на траење на пасошите со Република Македонија, затоа што тоа треба да биде усогласено со Грција и со ЕУ. Тој посочи дека Владата треба да обезбеди согласност од земјите членки на ЕУ од другата потписничка страна – Грција, па потоа да разговара за менување на закон.

Back to top button
Close