Мнозинството синдикални организации во УПОЗ го прифаќаат договорот со Владата за зголемување на платите

За 95 проценти од досега изјаснетите синдикални организации на УПОЗ, прифатлив е договорот со Владата зголемување на платите за 40 проценти, информираат од УПОЗ. Во согласност со прифатениот предлог, како што нагласуваат, синдикалните организации при Синдикатот на УПОЗ во текот на денешниот ден се изјаснуваат дали се за зголемување на своите плати за 40 проценти.
– По изјаснувањето на сите синдикални организации, Синдикатот на УПОЗ во текот на наредната недела ќе оствари работна средба со претставниците на Владата, на која ќе бидат договорени опфатот и теркот на колективниот договор – се вели во соопштението од УПОЗ.
Вчера, претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, по средбата со премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека Владата го прифатила барањето на УПОЗ, но не во целост, и дека е важно што се прифатило да се исплаќаат додатоците на плати за работниците во државната управа и правосудството.
– Како што најавуваме минатата година, ќе бидат на неколку години, на 3 рати, по 8 проценти, за жал, не по 10. Пак ќе повторам, за жал, не ги добивме минатата година, меѓутоа, еве, Владата прифати да ги исплаќа од сега со почетокот од март преку начин што сите институции од државната управа и правосуството, значи судовите, обвинителствата… ќе треба да потпишат поединечни колективни договори за да го добијат ова право, рече Деаноски.
Појасни дека за ова да се реализира, треба да се спреми текстот на овие колективни договори заедно со претставниците на Владата и Синдикатот. Потоа договорите треба да бидат ставени на гласање пред органите и телата на Синдикатот.
Тој нагласи дека ако членовите ги прифатат договорите, ќе може веднаш да се продолжи со нивно потпишување.






