Мнозинството жители на Берлин против олимписка кандидатура


Мнозинството жители на Берлин не сакаат германската престолнина да се кандидира за домаќин на Олимписките игри, покажуваат резултатите од анкета објавена денеска.

Според анкетата нарачана од дневниот весник „Тагешпигел“, вкупно 67 проценти од испитаниците се изјасниле против кандидатура за Олимписки игри во 2036, 2040 или 2044 година. Поддршка за олимписка кандидатура изразил 27 отсто, а 6 проценти од анкетираните биле неодлучни.

Германската конфедерација на олимписки спортови (DOSB) планира во третиот квартал од 2026 година да одлучи кој град или регион ќе аплицира и за кои Летни олимписки игри.

Се разгледуваат понуди за Олимписките игри во 2036, 2040 или 2044 година, а намера да се вклучат во кандидатурата изразија градовите Берлин, Хамбург и Минхен, како и регионот Рајна-Рур.

Жителите на Минхен неодамна ја поддржаа кандидатурата за Олимписките игри, додека сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија ќе одржи референдум на 19 април за тоа дали регионот Рајна-Рур треба да го продолжи процесот.

Back to top button
Close