МНР Бугарија: Нападната е Амбасадата во Скопје

Министерството за надворешни работи на Бугарија излезе со остра реакција и најостра осуда откако денеска (11 јануари) непознато лице извршило напад врз објектот на бугарската амбасада во Скопје oбјави 4news mk

Официјална Софија го оцени чинот како недопустлив напад врз дипломатска мисија и грубо кршење на Виенската конвенција, директно обвинувајќи ги македонските институции за создавање клима на неказнивост.

 

„Ова е резултат на системска пасивност“

 

Во соопштението, бугарското МНР не штеди критики кон македонските власти, поврзувајќи го денешниот инцидент со претходни случувања.

„Министерството изразува длабока загриженост што ваквото дрско дело е резултат на системскиот недостиг на реакција од надлежните институции на Република Северна Македонија при претходни напади и вандалски чинови врз објекти поврзани со Бугарија“, се вели во реакцијата.

Тие додаваат дека институционалната пасивност и толерирањето на „говорот на омраза“ создале средина во која ваквите криминални дејствија се охрабруваат и ескалираат.

Бугарија испорача јасни барања до властите во Скопје:

  1. Итно пронаоѓање на сторителот и негово кривично гонење.
  2. Гарантирање на безбедноста на бугарските дипломатски претставништва и нивниот персонал.

„Очекуваме институциите во Северна Македонија јасно и недвосмислено да се оградат од манифестациите на омраза и да работат на создавање коренито поинаков јавен наратив за односите со Бугарија“, порачуваат од бугарското МНР.

На крајот, Софија предупредува дека внимателно го следи случајот и „го задржува правото да преземе дополнителни дејствија“ за заштита на своите интереси.

Видеото погледнете го тука

Back to top button
Close