МНР: Лажни се информациите дека во ОН има инструкција за начинот на користење на терминот „македонски јазик“

Министерството за надворешни работи (МНР) ги отфрла, како што вели, шпекулациите за употребата на македонскиот јазик во рамки на Обединетите нации, според кои наводно Секретаријатот на ООН дал наредба постепено да се исфрла од употреба придавката македонски.

Го пренесуваме во целост соопштението на МНР:

„По однос на пријавените шпекулации за употребата на македонскиот јазик во рамки на Обединетите нации, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија информира дека единствениот референтен документ на Организацијата на Обединетите Нации за главните обележја и податоци за земјите е UNTERM (кратко од UN Terminology).

Во него се дадени основните информации за секоја земја: официјалното име, кратко име, јазик на држава, назив на валута, ISO кодовите и др. (подолу линкот на UNTERM со официјалните податоци за Северна Македонија).

Секретаријатот на ООН, како и сите негови тела е обврзан да се придржува и да ги почитува податоците изнесени во истиот (UNTERM). Вработените во Секретаријатот на ОН немаат надлежност за толкување на вакви прашања. Секретаријатот на ОН раководи и има надлежност во менаџирањето на прашањата околу употребата на 6-те официјални јазици на Организацијата (англиски, француски, шпански, арапски, кинески и руски).

Постојаната Мисија на Северна Македонија при ОН во Њујорк, одржува редовни средби со претставници на Секретаријатот на ОН, и во таа насока нема никакви индиции што одат во прилог на објавените шпекулации.

Согласно појавениот интерес на јавноста, нашата мисија во Њујорк стапи во контакт со претставници на Секретаријатот, од каде дополнително и официјално ни беше потврдена важечката пракса и регулатива преку која категорично ги отфрлаат сите шпекулации изнесени во медиумите за наводна „внатрешна инструкција во ООН за начинот на користење на терминот – Македонски јазик“.

Оттука сакаме да посочиме дека пријавените информации претставуваат злонамерни шпекулации, чии намери се да создаваат непотребно вознемирување на јавноста, и не одат во прилог на интересите на Северна Македонија.

Линкот на UNTERM за личната карта на земјата е секогаш достапен он-лајн и на него може да пристапи секој.

Back to top button
Close