МНР на Црна Гора ги отфрли тврдењата на Вучиќ за „хибридна војна“: „Сакаме најдобри односи со Србија“

Министерството за надворешни работи на Црна Гора ги отфрли како неосновани и несоодветни изјавите на претседателот на Србија Александар Вучиќ, со кои Црна Гора се обвинува за водење хибридна војна против Србија и за наводно загрозување на нејзините интереси.
Од министерството порачуваат дека Црна Гора е суверена држава која самостојно ги донесува своите одлуки и ги отфрла сите тврдења дека ги загрозува интересите на Србија.
Во соопштението се наведува дека изјавите на Вучиќ се „неосновани и несоодветни“, оценувајќи дека зачестените пораки од соседната држава покажуваат дека дел од политичките структури не ја прифаќаат реалноста дека се опкружени со суверени и меѓународно признати држави.
Министерството посочува дека колку повеќе Црна Гора се приближува до членство во Европската Унија, толку почесто доаѓаат изјави кои, како што велат, укажуваат на неподготвеност за прифаќање на независноста на соседните држави.
Во соопштението се додава дека Црна Гора останува посветена на европските вредности, владеењето на правото, човековите права и заштитата на правата на сите граѓани, без разлика на нивната национална, верска или јазична припадност.
Исто така се наведува дека Црна Гора сака најдобри можни односи со Србија, но дека добрососедските односи можат да се градат само врз основа на меѓусебно почитување и рамноправност.
Од министерството порачуваат дека регионот треба да биде фокусиран на иднината, економскиот развој и европската интеграција, наместо на создавање тензии и политички конфликти, објави Скопје1.мк






